На 23 ноември 2026 година, ЦИВИЛ – Центар за слобода, во соработка со Амбасадата на Украина во Северна Македонија, организираше комеморативен настан во Europe House во Скопје, по повод Денот на достоинството и слободата на Украина.
На настанот присуствуваа дипломати, претставници на граѓанското општество, новинари и пријатели на Украина, кои се обединија во знак на солидарност со украинскиот народ и неговата борба за слобода, достоинство и правда.
Говорниците се осврнаа на историското значење на демократските револуции во Украина, европската иднина на земјата, последиците од руската агресија и потребата од континуирана меѓународна поддршка.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, потсети на историското и современото значење на Денот на достоинството и слободата, нагласувајќи дека посветеноста на Украина на слободата и европската иднина останува непоколеблива и покрај војната.
Во своето обраќање, Дир ја истакна потребата од силна меѓународна поддршка за Украина, одговорност за руските воени злосторства и безбедносни гаранции што ќе овозможат траен мир и сигурност за земјата.
Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ нагласи дека борбата на Украина ги надминува границите на одбраната на сопствената независност. Украина ја брани и слободата на другите народи да одлучуваат за својата иднина, без закани, притисоци и мешање од помоќни држави.
Тој посочи дека руската пропаганда и дезинформациите претставуваат сериозна закана за демократските вредности и општества во Европа, поради што поддршката за Украина е и поддршка за одбраната на демократијата.
Олександр Урбанович, претседател на Здружението „Лесја Украинка“, се осврна на хуманитарните последици од руската агресија, особено на судбината на украинските цивили кои се незаконски приведени и држени во руско заробеништво.
Тој ја истакна важноста на меѓународната солидарност и напорите за враќање на украинските граѓани од заробеништво, нагласувајќи дека зад секоја судбина стојат човечки животи, семејства и право на слобода.
Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода, ја потврди принципиелната солидарност на организацијата со Украина, која трае од почетокот на руската агресија во 2014 година.
Во своето обраќање, Дерала испрати порака за поврзаноста на украинската борба со иднината на Европа:
„Силата на Украина е сила на Европа. Слободата на Украина е слобода на Европа. И иднината на Украина е иднината на Европа“.
На настанот се обрати и Викторија Прохорова, трет секретар во Амбасадата на Украина во Северна Македонија.
Програмата беше збогатена со две фотографски изложби: „Револуција на достоинството: Европскиот избор на Украина“ и „Заедно за враќање“, кои ја претставија демократската историја на Украина, нејзините европски аспирации и човечките приказни зад актуелната борба за слобода.
Во рамки на настанот беше претставена и хуманитарната иницијатива #WarmthForUkraine, преку која присутните имаа можност да ја изразат својата солидарност и да дадат конкретна поддршка за луѓето во Украина кои се соочуваат со последиците од војната.
Комеморативниот настан уште еднаш ја потврди заедничката посветеност на слободата, достоинството, правдата и меѓународната солидарност, истакнувајќи дека борбата на Украина е нераскинливо поврзана со пошироката одбрана на демократските вредности и безбедноста во Европа.
Б. Јордановска












