На трибината „Без табу теми“ на која Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за промените кои ги планираат за демократизација на партијата, Александар Михајловски одговори и на прашањето за нивниот став за насилствата во Собранието на 27 април 2016.
„Мој личен став и ставот на реформаторите е дека 27 април 2017 година не смееше да ѝ се случи на Македонија! Тоа е точка која не смее да ѝсе повтори уште еднаш на нашата држава. Ние сме убедени дека огромен дел од тие луѓе беа понесени од една воинствена реторика и хушкачка атмосфера, со цел да се случи тој настан. Јас би рекол, вистинска среќа е што пратеникот Владимир Ѓорчев, колку-толку, ја одбрани честа на ВМРО ДПМНЕ и спречи поголеми инциденти. Во спротивно, ВМРО ДПМНЕ ќе беше во една тешка позиција и прашање е дали понатаму ќе можеше да излезе од една таква криза… Најпрво народот беше наведен да влезе во Собранието, за отпосле, раководството на ВМРО ДПМНЕ да се огради од тие луѓе и да ги нарече насилници! Ние мислиме дека ако веќе има акции, треба да бидеме први во колоната. И први да бидеме со народот, за да влеземе да остваруваме такви цели. Но, ако не прифаќаме таков пристап, тогаш тоа треба јавно да го кажеме, пред да се влезе во Собранието. А не, откако се влегло во Собранието, да бидат луѓето прогласени за насилници и да се оградува ВМРО-ДПМНЕ од нив. Сега, јас сум убеден дека многумина од нив, бидејќи немаат ниту криминално досие, ниту се некои насилници, се граѓани кои навистина верувале, кои 60 дена штрајкувале, и за нив треба да се најде некој начин за помирување, затоа што тие биле изманипулирани во тој момент. Тоа не смее да ѝсе повтори на Македонија! Треба да се најде начин како да им се помогне на овие луѓе. Ако можело да се најде начин претходно да се амнестираат некои луѓе, треба да се најде начин и сега, да им се прости, со цел – таа негативна енергија од тој настан, да не остане и за во иднината“, рече Михајловски.