Последниот викенд во септември, четврта година по ред, е резервиран за настанот за мотивација, инспирација, вмрежување и успех, по кој „Младите можат“ се препознатливи. На 30 септември и 1 октомври, со почеток во 16,00 часот, „епицентарот на огромен број млади кои се на прагот на остварување на своите соништа“, ќе биде салата „Империјал“ во Македонската опера и балет.
Осум говорници ќе го претстават својот пат до успехот, а ќе бидат организирани и четири работилници на кои заинтересираните млади лица ќе можат да се стекнат со вештини за зачекорување кон успехот и за остварување на контакти. Настанот е од отворен карактер и не е потребно пријавување, организаторите потенцираат дека ги повикуваат заинтересираните да дојдат само со насмевка, за да го почувствуваат мотивацискиот пулс.
Иницијативата на шестмина волонтери од „Младите можат“, од март 2014, продолжи како концепт наречен „Мотивациски викенд!“ – настан од отворен карактер, кој има за цел да ги прикаже личните приказни на успешни професионалци од Македонија и со тоа да ги мотивира младите да работат и да инвестираат во својот личен и професионален развој.
„Мотивациски викенд!“ е настан за поддршка на младите да ги остварат своите сништа, да го унапредат својот живот и го искористат својот потенцијал, да стекнат знаења, вештини и техники со помош на кои ќе научат како да бидат она што го посакуваат и да станат најдобра верзија од самите себе.
Настанот е организиран во рамките на проектот „Академија за младински активизам”, имплементиран од „Младите можат“, а поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија.