Во Општина Брвеница денеска, 18 октомври, се одржуваат предвремени локални избори за градоначалник, на кои учествуваат шест кандидати – четворица поддржани од политички коалиции и двајца независни. Избирачките места се отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот.
Предвремените избори се распишани по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава, на 58-годишна возраст. Во изминатите месеци, функцијата вршител на должноста градоначалник ја извршуваше Роберт Милошески, дотогашен претседател на Советот на Општината.
Според Државната изборна комисија (ДИК), право на глас имаат 16.256 избирачи од десет населени места, а гласањето се организира на 24 избирачки места. Од вкупниот број запишани избирачи, 449 се евидентирани како лица на привремена работа или престој во странство, додека девет се на издржување казна затвор или во притвор.
Шест кандидати за градоначалник
Во изборната трка учествуваат Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ, Јакуп Хусеини од ВЛЕН и Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција (НАИ). Независни кандидати се Душан Богдановски и Арифе Идризи.
За кандидатите и организацијата на изборите претходно известуваше и ЦИВИЛ Медиа.
Во саботата, на 17 октомври, гласаа болните и немоќните лица, како и избирачите во казнено-поправните установи. Според ДИК, од 88 пријавени болни и немоќни лица, гласале 85, додека од девет избирачи во затвор или притвор, правото на глас го оствариле седуммина.
Избори по тесната трка во 2025 година
Брвеница беше меѓу општините во кои локалните избори во ноември 2025 година завршија со тесна разлика меѓу кандидатите. Тогаш победи Јовица Илиевски, кандидат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пред Хаќим Рамадани од ВЛЕН.
По гласањето следуваше приговор од Рамадани за пет избирачки места, кој ДИК го отфрли како недозволен поради формални правни недостатоци. Како што извести ЦИВИЛ во ноември 2025 година, Комисијата тогаш разгледа вкупно 16 приговори поврзани со изборите во Брвеница, Шуто Оризари и Карпош.
Можен втор круг на 1 ноември
За победа во првиот круг потребно е кандидатот да освои мнозинство од гласовите на избирачите што гласале, при излезност од најмалку една третина од запишаните избирачи. Доколку е исполнет условот за излезност, но никој не освои мнозинство, вториот круг ќе се одржи на 1 ноември.
Доколку не биде достигнат законскиот праг на излезност, се повторува целата изборна постапка.
Првичните резултати ќе бидат објавувани од ДИК по затворањето на избирачките места и обработката на изборните податоци.
Б. Јордановска
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












