Од долгорочниот набљудувачки тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода во општина Карпош, пристигна извештај за злоупотреби во основните училишта во оваа општина. Документирано е сведоштвото за противзаконски отсуства на дел од наставниот кадар за време на наставата.
Две наставнички од едно основно училиште во општина Карпош, ги оставале учениците сами во училница, за да учествуваат во партиски активности на одредена политичка партија, според извештајот на мониторинг тимот. Кампања од врата на врата, партиски состаноци и други активности се дел од „работното време“ на овие две наставнички.
„Занемарувањето на учениците и нивното оставање сами е противзаконско и се коси со сите етички и професионални стандарди!“, гласи краткиот коментар на претставниците на ЦИВИЛ.
Имињата на наставничките кои ја злоупотребиле својата положба и го прекршиле законот и професионалните стандарди, како и училиштето кај што се случува оваа повреда, се познати на ЦИВИЛ.