Американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече „срамни“ обновените украински напади врз руските нафтени рафинерии и повторно го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски, откако пропадна обидот за енергетско примирје меѓу Москва и Кијив. Во меѓувреме, европските лидери ја потврдија поддршката за Украина и најавија засилување на притисокот врз Русија.
Во интервју за „Њузмакс“ (Newsmax), Трамп изјави дека нападите врз руските рафинерии ја зголемуваат светската цена на нафтата и го отежнуваат снабдувањето со дизел. Тој повторно оцени дека е потешко да се соработува со Зеленски отколку со рускиот претседател Владимир Путин, пишува Гардијан.
Обидот за енергетско примирје пропадна откако Трамп еднострано го објави предлогот, без јавна потврда дека Москва и Кијив се согласиле со неговите услови. Украина ги продолжи нападите врз руските нафтени капацитети, додека Кремљ ја обвини Украина дека ги поткопува американските мировни напори.
Односите меѓу Кијив и Вашингтон дополнително се затегнаа по ограничувањата на сателитската комуникациска услуга „Старлинк“, која е важна за украинските воени операции. Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, во разговор со Би-Би-Си изјави дека неговиот американски колега го уверил оти системот повторно функционира. Сепак, околностите што довеле до прекинот останале нејасни.
ЕУ застана зад Украина
На средбите со европските лидери во Брисел, Зеленски порача дека Украина сака да ја заврши војната што е можно поскоро, но дека не гледа сигнали дека Русија е подготвена за тоа.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека Русија не го почитувала предложеното енергетско примирје и најави подготовка на 22-от пакет санкции. Таа нагласи дека ЕУ нема да ги укине санкциите додека Русија не ја запре војната, објави Гардијан.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја потврди поддршката за Украина, вклучително и за нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека Украина мора да ги добие неопходните средства за самоодбрана, додека полскиот премиер Доналд Туск порача дека украинскиот народ не е сам.
Зеленски, во меѓувреме, соопшти дека руски напад со беспилотни летала врз енергетската инфраструктура во украинскиот град Луцк предизвикал прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Пропаѓањето на енергетското примирје и новите несогласувања меѓу Трамп и Зеленски ги продлабочуваат неизвесноста околу американската улога во завршувањето на војната и прашањето дали дипломатските напори можат да доведат до одржлив прекин на непријателствата.
Подготви: Б. Ј.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












