ВОЈНАТА СÈ ПОБЛИСКУ – Црното Море, бојно поле пред портите на НАТО: Дронови потопуваат бродови, Бугарија бара одговори од Москва и помош од НАТО и ЕУ
Новите напади врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег ја зголемуваат опасноста од ескалација во Црното Море. Софија бара меѓународна истрага и сојузничка поддршка, додека предупредувањата од неодамнешната анализа на Љубомир Костовски за ЦИВИЛ МЕДИА добиваат нова актуелност.
Нов бран напади со дронови врз трговски бродови во Црното Море, во раните утрински часови на 13 октомври, предизвика сериозна безбедносна тревога во Бугарија. Два брода биле погодени во близина на бугарскиот брег, од кои еден потонал, додека спасувачките служби интервенирале за евакуација на морнарите. Информациите ги потврдија бугарската национална телевизија БНТ, бугарската НОВА и американската агенција Асошиејтед прес.
Бродот „Челзи 3“, кој пловел под малтешко знаме и е управуван од компанија со седиште во Украина, бил погоден од три дрона на околу 18 наутички милји од градот Бјала. Сите 15 членови на екипажот, седум украински и осум азербејџански државјани, биле спасени. Петмина добиле медицинска помош. Вториот брод, идентификуван од БНТ како „Азов Конкорд“, потонал во близина на Крапец. Информациите за спасените морнари од вториот брод сè уште се разликуваат, зависно од изворите.
Софија бара меѓународна истрага, но без конечни обвинувања
Бугарскиот премиер Румен Радев свика итен состанок на безбедносните служби, најави разговор со руската амбасадорка Елеонора Митрофанова и побара помош од НАТО и Европската Унија за утврдување на потеклото на дроновите.
Радев посочи дека карактерот на нападите и нивните околности упатуваат кон можноста зад нив да стои Русија, но истовремено нагласи дека за такво обвинување се неопходни докази. Софија бара и засилен надзор над поморскиот и воздушниот простор.
Од напади до пропагандна војна
Новите инциденти следуваат само една недела по нападите од 6 октомври, кога во бугарската ексклузивна економска зона беше потопен бродот „Алфа Ватан“, додека „Ејбл“ беше сериозно оштетен. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за нападите, оценувајќи ги како дел од пошироките напори за дестабилизација на пловидбата во западниот дел на Црното Море.
Политичко-пропаганднатата димензија станува неизбежна. Во бугарската јавност, прашањата за одговорноста на Москва се преплетуваат со внатрешнополитички расправи за способноста на државата да ги заштити сопствените поморски интереси и територии.
Во дел од македонското медиумско известување, пак, пренесувањето на драматичните настани без јасно разграничување меѓу потврдените факти, политичките тврдења и непотврдените информации создава простор за шпекулации и манипулации. Но не секое сензационалистичко известување претставува организирана пропаганда. Истовремено, во проруските медиумски и онлајн кругови се појавуваат обвинувања за „антируска пропаганда“, со кои се оспоруваат сомневањата за руска одговорност. Таквите обвинувања, меѓутоа, не можат да бидат замена за факти, независна истрага и проверливи докази.
Во својата опширна анализа, објавена на 6 октомври на ЦИВИЛ МЕДИА, аналитичарот Љубомир Костовски предупреди дека ризиците во Црното Море не се ограничуваат само на нападите со дронови.
Новите инциденти ја прават анализата на Костовски уште поактуелна.
Црното Море веќе не е само простор на воени операции. Тоа станува регион во кој цивилната пловидба, меѓународната трговија и безбедноста на земјите членки на НАТО се изложени на сè поголеми ризици.
Најопасното прашање повеќе не е дали војната ќе има последици надвор од Украина, туку колку далеку ќе се прошират тие последици и дали меѓународните институции ќе успеат да спречат нова ескалација.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.