Оценките на власта и опозицијата за првиот круг од локалните избори се, очекувано, крајно спротивставени.
И додека за СДСМ, Македонија по долг временски период имаше фер, регуларни и слободни избори, на кои граѓание гласаа по сопствено убедување, за ВМРО-ДПМНЕ изборите беа шанса граѓаните да го казнат СДСМ и да ја ослободат државата од криминално-бандитиските структури.
„Резултатите покажаа како изгледа Македонија кога граѓаните гласаат слободно и кога целосно се почитува нивната избирачка волја.
ВМРО-ДПМНЕ треба да се одважи, да им честита на граѓаните за мирните и фер избори и да го признае изборниот пораз. Надлежните институции постапуваат согласно надлежностите и во интерес на сите граѓани. Токму брзата реакција на институциите придонесе за навремено и ефикасно расчистување на малиот број инциденти“ стои во соопштението на СДСМ.
Од друга страна, ВМРО- ДПМНЕ посочуваат на хаосот и беззаконието што продолжило и по изборите.
„Нападот со нож врз претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски од страна на лица блиски до СДС е обид за политичко замолчување, кое не смее да остане неказнето. Надлежните институции треба веднаш да реагираат и да го расветлат целиот случај во најбрз можен рок. Физички напад врз политички опонент е напад врз демократијата, слободната мисла и правната држава и како таков мора да биде санкциониран. Запален автомобил на симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ во Лисиче само неколку часа по завршувањето на изборите“ – протестира опозицијата.
Според нив, медиумите укажале на криминалните дејствија на СДСМ со прикажување на фотографии на двајца активисти на СДСМ сликани со пиштоли пред штабот на партијата во Бутел, а според информациите објавени во медиумите активистите на СДСМ во Бутел во неделата вечер пукале со пиштоли и создавале хаос низ Бутел.
Б.Ј.