Ви текнува на везирот што сакаше да биде султан на место на султанот, ама никако да му се посреќи? Деновиве, гледајќи и слушајќи што ни се случува во земјава, читајќи ги сите препирки, гледајќи ги телевизиските дебати не можам а да не се запрашам кој е поголемиот Изноугуд во целава наша приказна…
Едниве имале пи-ар и приоритети, ама министер за здравство сè уште немаат. Децата ќе ги носиме на надрилекари и ќе им береме билки на Водно исклучиво за викенд, тогаш е чист воздухот.
Веројатно мислат зимава бездомниците да ги покриваат со примероци од Договорот за добрососедство со Бугарија, евентуално да ги прехранат со Законот за јазиците, пошто приоритети…
Криминалот на улиците расте од ден на ден, ама чекајте имаме приоритети, еве на пример ќе пуштаме рации по кафулиња и ќе затвораме дуќани, затоа што ни се може!
Добиваме заушки од меѓународна заедница, ама имаме приоритети.
Вратени 300.000 евра за серија што не се снимила, ама истовремено патуваме со бизнис класа на егзотични дестинации затоа што имаме приоритети!
Не изгласавме мерки за подобрување на човековите права, затоа што бевме дефокусирани со приоритети.
Сè уште ни е ружна владата, ама имаме приоритети, па си седиме во неа на ружните фотелји, во ружните простории, со ружните слики на ружните ѕидови, што ги држат (или можеби само изгледа дека ги држат) ружните столбови…
Се фалиме со протести, улици, полни биографии, способност и стручност, знаеме ама буквално сè, освен она за што појма немаме, на пример да си го зачистиме сопствениот двор…
Бараме мајка затоа што нас тетка ни нè роди…
Другиве, не знаат кој крај да го фатат, фрчат соопштенија и поплаки на сите страни… Одеднаш прогледаа за сите проблеми кои нели ги немавме во изминативе 11 години додека тие беа на власт. Очајот станува толку очигледен што веќе ти станува жал и да ги споменеш, освен кога ќе ти текне дека сепак треба да си лежат!
Третиве, е тие морам да признаам дека ми се најјаки! Цареви се! Седат, од страна, прилично гневни за својот неуспех, ама сепак одмерени во своите цинични философски досетки кои предвидуваат мрачни сценарија на останатите, во стилот, така ви е кога нас не нè гласавте!
Слушам наскоро и името ќе сме го менувале. Нимиц ни спремал предлог. Ако го видите кажете му дека имам еден: Република Изноугуд Македонија!