Веста за тоа дека извршителите нема да ги блокираат сметките на најсиромашните во земјава, сигурно ќе биде дочекана со големо олеснување. Ова е уште еден обид на Министерството за труд и социјална политика да го олесни тешкиот живот на голем број сиромашни во земјава.
Сепак, останува отворено прашањето дали институциите имаат намера да ги стават под контрола извршителите чии тарифи се вртоглави и претставуваат страшен удар за скромните буџети и на оние што не се приматели на социјална помош, но одвај врзуваат крај со крај. Притоа, не смее да се заборави дека во земјава сѐ уште има голем број случаи на лица на кои претходната власт им ја укинуваше социјалната помош поради политичка неподобност или поради бирократски бариери или грешки.
Што да кажат оние што биле блокирани од извршителите по грешка, но превисоката банкарска „услуга“ за деблокирање на сметката никогаш не ја добиле назад? Исто така, мора да се поведе сметка и за тоа кои сѐ податоци за примателите на социјална помош им се на располагање на извршителите. Системот за заштита од злоупотреба на податоците мора да биде воспоставен со строг надзор од добри познавачи на човековите права и слободи.
Мерка за поздрав, но мора да се продолжи со понатамошна заштита од самоволието на извршителите, кое е, за волја на вистината, е законски дозволено од претходната власт.
Џабир Дерала