По вчерашното обвинение од страна на ВМРО ДПМНЕ дека некој од Собраниските служби вчера ги фрлил амандманите на ВМРО ДПМНЕ, поднесени во врска со неуставниот закон за двојазичност, реагираа и од СДСМ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, амандманите поднесени за законот за двојазичност биле расфрлани околу Собранието, и дека имаат должност да одговорат на кому му пречат и кој ги фрлил амандманите.
„Владејачкото мнозинство треба да и одговори на македонската јавност кој издал наредба и кои се лица учествувале во овој срамен и недемократски чин.“ стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ параноично шири лажни вести и дека обидот да ги вовлекува собраниските служби во своите политикански игри за блокади е скандалозен.
„Според јавно достапните информации објавени во медиумите, собраниските служби веќе потврдиле дека сите амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ се уредно примени, архивирани и заверени. Сите конструкции на ВМРО-ДПМНЕ паѓаат во вода.
Со овој очаен потег, јасно се чита намерата на ВМРО-ДПМНЕ да ја прикива изгубената доверба кај граѓаните со постојано измислување лажни вести.“ стои во соопштението на СДСМ.
Според СДСМ, Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот на Република Македонија, и намерите на ВМРО-ДПМНЕ се да го блокира Собранието и да го кочи реформскиот процес со што работи против интересите на граѓаните и на Република Македонија.
А.Петровска