Во Музејот на Град Скопје синоќа беше отворена изложбата на дела од девет млади уметници – „Портали“. Изложба е во рамки на проектот „Креарт“ – Мрежа на градови за уметничко творештво (CreArt – Network of Cities for Artistic Creation), а е дел од активностите за одбележување на 21 Март-Европскиот ден на уметничка креативност.
Изложбата ја отвори претседателката на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева, која посочи дека Град Скопје е партнер во проектот.
– Град Скопје со приклучување кон проектот „Креарт“ направи обид во градот да се внесат нови вредности и императиви во културниот живот, првенствено во визуелните уметности, нагласи Љубица Јанчева.
Присутните учесници и гости, како што соопшти Град Скопје, ги поздравија и директорката на Музејот на Град Скопје, Фросина Зафировска, и програмскиот експерт во проектот „Креатр“ Јасминка Намичева. Град Скопје од 2017 година стана партнер во „Креарт“ (Мрежа на градови за уметничко творештво) што претствува европска мрежа составена од градови и од јавни и приватни културни институции.
Во проектот „Креарт“ учествуваат 12 градови од девет држави и во него освен Скопје се вклучени и Ваљадолид од Шпанија, Џенова од Италија, Ливерпул од Велика Британија, Клермон-Феран и Руан од Франција, Загреб од Хрватска, Каунасод Литванија, Лублин и Катовице од Полска и Авеиро од Португалија.
извор: МИА