Толку сум револтирана од градоначалникот на Општина Аеродром што не можам да го опишам чувството!
Пред извесно време побарав прием кај градоначалникот Златко Марин со барање доделување стипендија за мојот 18 годишен син Виктор, кој е ученик во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“. И покрај тоа што Виктор е дете со посебни потреби, тој е најдобриот ученик во класот со сите петки.
Иако училиштето не е под општина Аеродром, ние сме жители на оваа општина и должност на градоначалникот е како граѓанка да ме прими и да ме сослуша независно дали ќе го прифати моето барање или не.
Невозможно беше да стапам во контакт со градоначалникот. Во една прилика успеав да контактирам со неговиот асистент кој ме информираше дека градоначалникот е во Влада и кога ќе се врати веднаш ќе ми се јави. Сѐ уште чекам на тој повик.
Кога градоначалник беше Ивица Котевски закажав состанок и на истиот бев сослушана, а моето барање беше исполнето. Сегашниот градоначалник изгледа заборави дека ме посети пред изборите во мојот дом барајќи ја нашата поддршка, а сега буквално не ме познава. Најмногу ме погоди фактот што на Здружението „Илинденски марш“ беше главен финансиски спонзор, а мене ниту ме прими, ниту ме сослуша.
Јас немам ништо против Владата, ниту пртив претходниот, ниту против сегашниот градоначалник, здруженијата и невладините организации, но да поддржува нешто што се случило пред повеќе од 100 години, а да се нема слух за луѓето што сега живеат и на кои сега им е потребна поддршката и помошта, тоа не можам да го разберам.
Јас не зависам од општината. Школував едно дете, сега го школувам и другото дете. Но, општината треба да се гордее со успесите на нивните сограѓани и моето дете навистина може да послужи како пример за многу деца. Но, во првичниот разговор службите велеа, па не сте само вие.
Точно не сме само ние. Но, секој има уста и ум да размисли пред да изусти. Јас имав потреба и има причина да зборувам за таа потреба.
Не сум партиски определена ниту децата така ми се запишани во училиште. Затоа, почитува градоначалнику немојте да се осмелите уште еднаш пред избори да ми дојдете дома бидејќи јас и моето семејство не сме гласачка машинерија, а потоа да заборавите дека воопшто постоиме. Ние сме граѓани и жители на општината, но вашиот однос и односот на властите во нашево општество укажува зошто не нѐ бива и нема да не биде.
Како граѓани кои се заслужни за вашата позиција и функција, градоначалнику, треба да имате време за секој од нас.