Стотици поддржувачи од Косово и регионот се собраа во центарот на Приштина, на втората Парада на гордоста, на 10 октомври, означувајќи го крајот на Неделата на гордоста, организирана од Центарот за еднаквост и слобода за ЛГБТИ заедницата, во Косово.
„Во име на слободата“ беше слоганот на овогодинешната парада, и поддржувачите на ЛГБТИ заедницата маршираа придружени со музика и знамиња со боите на виножитото.
Ова беше втората Парада на гордоста, која се оддржа во главниот град на Косово, и настанот беше поддржан од високи владини претставници, меѓу кои и градоначалникот на Приштина, Шпенд Ахмети, меѓународната заедница во Косово, пратеници, уметници и медиуми.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, ја изрази својата поддршка за парадата, и на својот Фејсбук профил напиша дека ЛГБТИ заедницата и Неделата на гордоста секогаш ќе имаат институционална поддршка за да бидат слободни и сигурни да ја искажат својата сексуална ориентација.
Целта на неделата на гордоста е да се подигне свеста кај граѓаните и да се зајакне ЛГБТИ заедницата.
Парадите на гордоста, како и различни настани и фестивали, се настани кои ја слават ЛГБТИ културата и гордоста. Тие често служат и како демонстрации за законски права, како што се истополовите бракови.
Парадата помина во мирна и пријатна атмосфера без никакви инциденти.
Текст и фотографија: Ангела Петровска