За првпат во мојот живот, присуствував на седница на Советот на Општина Аеродром. Зошто си ја нарушив мојата персонална и професионална идила за ова да го направам? Затоа што првпат во мојот живот некој политичар или политичка партија ме прави будала во здрав мозок, не дека сум нешто паметен, али па они не се нешто попаметни од мене па да ме прават будала и мене и моите комшии.
Накратко, што се случува… Во мај 2017, во доцните вечерни часови, претходниот градоначалник со мнозинството во Советот, си изгласа навидум суициден еколошки план да се изградат 40+ згради на место на зеленило и паркчиња. Инаку, во тоа време имало 27 советници од кои 17 биле од ВМРО и другите 9 – СДСМ. Од нив, 15 биле „за“, другите биле „против“, али важно бил усвоен тој ДУП. Бидејќи знаеме како сè тоа функционира во Македонија, којзнае кој што ќарил, дали во стан дали во попуст, или дај Боже, во некоја натура од некоја надежна советничка.
Е сега, за цела среќа, неколку месеци подоцна, имаше избори на кои сегашниот градоначалник доби на избори и мнозинство во Советот. Најголемиот проблем настанува што, иако на избори е ветено дека сè тоа што е донесено од претходните ќе се поништи и стопира, зградите си никнуваат една по една. Кога почнаа првите испитувања на местото на најспорната зграда, спроти Мајчин Дом (кој со истиот, или со сличен ДУП, треба да стане Градска болница), се собиравме доста спонтано, по една објава дека во недела во 4 попладне се копа, се договоривме со комшиите од околните згради да поиграме фудбал и да кажеме дека не ја бива вака работата, треба зеленило – не згради, од ни помалку, ни повеќе – 8 ката, плус приземје, или 240 стана вкупно. (интересна изјава има од градоначалникот дека успеал да го убеди инвеститорот да скрати 3 -4.000 квадрати, односно, 10-20 стана. Браво!!!)
Е сега, да се вратиме на седницата на Советот на Општина Аеродром. Нели, бидејќи живееме у дигитална ера уредно отидов неколку саати (околу 11) пред самата средба, да поднесам барање дали може како граѓанин на оваа општина да присуствувам на советот закажан во 16:30.
Како наближуваше кобниот саат, така и мојата возбуда растеше. Се дотерав дури, исто ко на избори. Идам уредно на шатлер со двајцата пајташи кои, исто така, нејќат некој да ги прави глуп у здрав мозок.
Прв удар на портирница. Ни барањето (уредно поднесено и потпишано за кое имам и архивски број) го добиле, ни знаат што се случува, али сепак ни дозволуваат да одиме зашто, нели, ние сме народот, а со народот никој не се задева. Влегуваме во салата на Советот и таму од прва добиваш шок…
Поделеноста во нашето општество се гледа и во начинот на поставеноста на столчињата. Од десна страна позицијата на чело со градоначалникот, а од лева страна опозицијата и помеѓу како автопат голем простор. Седнувам у заден ред таму у ќошето (народот е секогаш последен) и почнувам да набљудувам. Прво што ми поминува низ ум е дека целиот собир повеќе ми личи на маалска крчма каде луѓето се дојдени да се видат, да си разменат по некој збор, а не дека одлучуваат за 100.000 луѓе (ваљда толкава ни е општината). Од лицата можеш да им прочиташ дека сите да се свесни дека сè на дневниот ред (има пар точки на дневен ред) е однапред одлучено, само треба да го потврдат со кревање на рака, исто како што креваш рака у кафана за уште една тура ракија.
Уште од почеток фрки, претседателката на Советот прашува: „Дали сме сите тука?“. А сите во еден глас одговараат: „Не, не, Стојко касни, да го почекаме” . Е тука си викам, Игорче, не си ти во крчма дојден, таму има ред. Ова е час по германски, два пати неделно идеш, се гледаш со другарчињата, и се чаталиш на наставничката и си идеш. Со таа разлика што овие „ученициве” зимаат пари за овие седници. И така, место да почнеме во 16,30 седницата почнува во 16, 34.
Од самиот почеток тотално се изгубив во тоа говорите, па точки на дневен ред, па формулации, па прегласување, па не гласаме… Ништо не разбирам! Нада! А магистериум сум завршил. Сра – мо -тааа!!!
На радоста и нема крај кога советникот нешто не знае, па сите заедно во еден глас довикуваат да му помогнат на говорникот. И тоа, ни повеќе, ни помалку, доктор. И тоа познат доктор! А бе, си мислам, што бараш ти другар, да се девалвираш во оваа крчма наречена Совет на Аеродром? Па уште, место да докторуваш, ти со адвокати се спремаш и ја браниш баграта што гласала против зеленило. А самиот кажуваш да се разјаснело, да не ве плукал народ по улица… Ама, најмал проблем се тие спремните советници. Најинтересни говорници се тие како од комитскине филмови искочени, оние што во кафана наздравуваат за Гоцета, за Јанета, за Питу…, па после за здравје и деца, па неартикулирано ќе издебатираат нешто од типот: „Ние го гласавме ДУП-от, изгубивме на избори, било што било и како сме гласале ај да заборавиме, па сега ново на ново“… Народски кажано парадоксалноста на целата ситуација е што истите они кои гласале нешто да се изгради и уништи зеленило, сега се за мораториум на истите градежни активности.
Други романтични моменти се кога си праќаат смешки и потајно си намигнуваат еден на друг, така далеку седнати, па кога си се обраќаат на прво име. „Ех Злате, ах Иванче и убаво девојче“… Па, оние моменти кога еден на друг си викаат „ај се кладиме“, и тоа советник на градоначалник… А бе, во ова царство владее другарство – е заклучокот. Секако, има пар нервозни изјави од типот – „Што барате да живеете у град, идете живете во некое село ако нејќете зграда”, ама тие се занемарливи во целиот тој пандемониум.
На крајот на денот: бев на театар комедија фристајл, Монти Пајтон во живо и тоа за беспари. И, како што би рекла една соговорничка, „премногу филмови премалку реалност“…