Откако Министерството за правда вчера информираше дека до нив е пристигнато известувањето дека Никола Груевски се наоѓа во Унгарија, пристапено е кон изготвување на потребната документација за негова екстрадиција.
Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер, тврди дека Груевски намерата да поднесе барање за азил во Унгарија ја изјавил во унгарска амбасада надвор од Македонија. Ѓергели Ѓулијаш не открива во која држава се наоѓа амбасадата, ниту како Груевски пристигнал во Будимпешта каде се поднесени документите.
По бројните шепекулации во медиумите за тоа како Груевски стигнал до Унгарија без патна исправа, бугарскиот премиер Борисов денеска и јавно ги демантираше пишувањата дека екс премиерот поседува бугарски пасош. Претходно веста ја демантираше и бугарското министерство за правда.
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски ниту барал, ниту пак му е издаден бугарски пасош. Се работи за целосно не точна информација, изјави премиерот Борисов.
Унгарија има рок од 15 дена да се изјасни по барањето на Груевски. Доколку барањето биде прифатено, Груевски би можел да го оствари правото на азил во периодот од средината на јануари до крајот на март идната година.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска остварил телефонски разговор со својот унгарски колега Петер Сијарто, во врска со поднесеното барање на азил до унгарските власти од страна на поранешниот премиер, Никола Груевски.
За време на разговорот Димитров посочил дека во случајот станувало збор за осуденик, против кого се водат и уште неколку други судски постапки за сериозни дела и ја потенцирал важноста на принципот на владеењето на правото, како темелен европски принцип.
„Министерот Сијарто во телефонскиот разговор, ја потврди информацијата дека Никола Груевски поднел барање за азил до надлежните унгарски власти и дека правната процедура е веќе започната. Притоа нагласи дека унгарската поддршка за реализација на аспирациите за европска и евро-атлантска интеграција на Република Македонија, како и добрата билатерална соработка меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина“, соопшти МНР.
Портпаролот на владата Миле Бошњаковски денеска информира дека внатрешната контрола на МВР веќе започнала со испитување на евентуална вклученост на претставници од полицијата во планот за бегство на Груевски. МВР истражува на кој начин Груевски ја напуштил Македонија, како и дали имал надворешни помагатели.
Во моментов во Министерството за внатрешни работи се водат две истраги за да се утврди како било организирано бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и кој му помогнал во тоа.
Во контекст на скандалот со бегството на Никола Груевски ЦИВИЛ – Центар за слобода преку соопштение денеска уште еднаш потсети дека јавноста има право да знае кои институции, функционери и други структури се вмешани во овој скандал.
„Јавноста има право да бара одговорност и мерки што ќе гарантираат дека вакво нешто нема да се случи во иднина.
ЦИВИЛ ги поддржува реакциите на граѓанските организации и се придружува кон барањата за итна, длабока и транспарентна истрага на сите аспекти од овој скандал, почнувајќи од неажурноста на институциите, првенствено на обвинителството и судот, а секако и на полицијата и другите фактори што придонесоа кон избивање на овој тежок скандал“, стои во соопштението на ЦИВИЛ.
Организацијата исто така, упати апел до унгарската влада да го одбие барањето за политички азил од осуденикот Никола Груевски и да го екстрадира назад во Македонија по најбрза можна постапка.
Министерството за правда објави дека подготвува предлог закон за Специјалното јавно обвинителство кој треба да биде готов до крајот на месецот.
„Целта на законот е да се изврши уредување на материјата за статусот, надлежностите и други прашања поврзани со Специјалното јавно обвинителство. Во текот на подготовката на законот ќе бидат вклучени судии, јавни обвинители, меѓународни организации и надлежни институции“, соопшти Министерството.
Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, денеска на прес-конференција го презентираше „Планот за чист воздух“, според кој се предвидува намалувањето на загадувањето на воздухот за 50% во Скопје и од 30 до 50% во останатите градови во следните две години.
Одлуката на вчерашната владина седница на која аерозагадувањето се утврди како стратешки приоритет за идната година, Макрадули ја нарече „историска“, додавајќи дека истата ја покажува јасно изразената политичка волја и овозможува интегриран и координиран пристап во борбата против загадувањето.
По денешното рочиште за случајот „ТНТ“ на СЈО, адвокатот на притворениот екс-министерот Миле Јанакиески, ја оспори службената белешка од УБК со која се тврди дека Јанакиески имал намера да избега, исто како и Никола Груевски, откако претседателот Иванов одбил да го амнестира.
Токму оваа службена белешка е основ за 30 дневниот притвор за Јанакиески.
ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска ја организираше панел дискусијата „Губење на идентитетот или…?“ денеска (15 ноември 2018), во хотел Сити Парк, со почеток во 13 часот. Десетина експерти и креатор(к)и на јавното мислење имаа 10-минутни излагања во кои ќе се осврнат на идентитетските и општествено-политичките прашања поврзани со процесот за надминување на македонско-грчкиот спор со името.
На панел дискусијата беа претставени ставовите и анализите на Ѕвездан Георгиевски, Петар Богојевски, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Војо Маневски, Сашо Орданоски, Катерина Колозова, Љубчо Георгиевски, Мирјана Најчевска, како и на Синиша Станковиќ и Дијана Тахири од ЦИВИЛ. Модератор на дискусијата ќе биде Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
М. И.