Христијан Мицкоски го започна собирот на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје вечерта на 28 ноември, со аплауз. Изгледаше како самиот себеси да си аплаудира, без нешто и да покаже пред тоа…
Од овој настан, остана сосема нејасно за што се работи. Иако го нарекоа протест, овој собир не носеше некоја посебна одлика или порака на протест. За што ли се протестираше? Неколку стотици граѓани на ладното време на „протестен марш“ во име на „семакедонското“, „криминалната власт на СДСМ и Зоран Заев“…
Изборот на датумот за „протестирање“ беше чуден – Ден на албанското знаме. Сакаа провокација на етнички основи? Или, пак, датумот беше избран за да се одбележи една година од започнатите судски процеси против обвинетите за насилствата од 27 април 2017 во Собранието.
Во нивна чест или во чест на ВМРО – ДПМНЕ? Со химната на партијата поворката тргна кон Владата.
По овој нејасен протест без протест, Јанко Бачев сигурно ќе биде разочаран, ако не и навреден и лут, затоа што настанот се претвори собирче на ВМРО-ДПМНЕ за ВМРО-ДПМНЕ и – толку. А кутриот, мораше да проголта многу кнедли, па да му се придружи на „непријателот“ ВМРО-ДПМНЕ. Колку луѓе изнесе Бачев на улица под убедување дека не се работи за тесно-партиски интереси? ВМРООО, ВМРОО…
Текст и фотографија: Биљана Јордановска