Звукот на чавките во Скопје секој ден почнува во исто време и на исто место. Во 16:42, точно, во еден парк на периферијата на градот и од таму се шири низ цело Скопје. Трае точно 45 минути. Веројатно над стотина чавки се собираат на гранките од дрвјата, сите на исто место, да си ја изгракаат болката. Потоа летаат над Скопје, веројатно со цел нешто да ни кажат, а ние очигледно не ги разбираме. Нивната болка започнува точно од дрвјата во паркот каде што се наоѓа и бифето на Здравко будалата.


Петок е. За прв пат одам да го посетам бифето на Здравко будалата. Бифето се наоѓа во една заборавена од животот зграда на два ката и со два влезови со полу распадната фасада. Покрај зградата има мало речиси незабележително пазарче на кое има само една тезга која работи единствено од 10 – 12 часот претпладне од понеделник до петок.
Во првиот влез на зградата во подрумот се наоѓа бифето. Тоа е многу мало, непретенциозно место во кое има само четири маси и не е поголемо од дваесетина квадратни метри. Малото шанкче полно со полни флаши, полу полни и скроз празни е во дното на бифето. Над шанкчето има прозорче кое гледа во стаплата на луѓето кои минуваат по улицата. Лево од шанкчето има библиотека со стари испокинати книги и еден грамофон за плочи со труба.
Одамна знаев за ова мало место и знаев дека кога тогаш ќе мора да се појде таму и да се види одблизу.
Инаку сопственикот не се вика Здравко, така го викаат маалските, така му е прекарот. Прекарот му е даден од причина што кога влегува некој во неговото бифе овој го отпоздравува со: „Здравкоооо, како си, добар?“. Така ги поздравува и оние кои ги знае и оние кои не ги знае. Се однесува со нив како цел живот да се знаат. Таков му е пристапот и тоа е сосем во ред.
Многумина го нарекуваат легендарно месово. Честопати се прашував зошто викаат така за местово, се’ додека еден ден, не толку одамна, еден пријател ми раскажа дека слушал како, таму, во бифето на Здравко будалата, се правеле многу чудни муабети. Бил. Видел. Слушнал. Восхитен беше.
Јас не додржав да не појдам. Како некој кој пишува кратки и не толку чудни приказни поврзани со градските легенди, одлучив да појдам и да слушнам, една, две или повеќе од тие чудни приказни.
Се симнувам во подрумот. Застанав пред вратата која е отворена. Само една маса е зафатена на која седи еден човек. Другите се слободни, со тоа што на една од празните маси има цигари, кафе, чашка ракија и туршија, но никој не седи на неа. Не знам како изгледа Здравко будалата. Очекувам дека можеби е човеков кој седи на масава сам. Одеднаш некој од зад мене ми приоѓа и ме фаќа со рацете за половина и ме поттргнува за да направам простор да може да влезе. Влегува. Се врти кон мене и ми вели:
„Повели, влези. Седни слободно“.
Влегов. Седнав на масата до библиотеката. Да, тоа беше Здравко, доаѓаше од некаде. Овој другиов беше некој гостин. Здравко застана позади шанкот и почна да ги средува флашите кои беа на шанкот, а и нешто пребројуваше. По кратко го крена погледот кон мене и почна да зборува со мене.
„Извини ако чекаше долго, бев во тоалет. Тука нема тоалет, го користиме оној на крајот од ходникот, ако ти се приоди ќе најдеш каде е. Ќе пиеш нешто?“
„Пиво“, кратко одговорам додека се чудам каков ли е тој тоалет во подрум на една зграда. Подоцна ќе одам да го видам. Не знам зошто човеков го викаат будала кога изгледа сосем нормално, барем вака на прва. Ми носи пиво.
„Чаша?“, ме прашува кога дојде до масата.
„Не, не треба“, велам.
„Прв пат си овде, не сум те видел претходно.“
„Прв пат сум, да“, возвраќам.
„Пивово е од мене“, вели.
„Не, не, прв пат ти влагам, ќе си платам уредно.“
„Добро, ако инсистираш“ ми вели.
„Еј, Здравко, а бе кај отиде Ѓорѓе?“, дофрли човекот од масата наспроти мене.
„До кладилница“, одговори Здравко.
„Си за партија табла? Додека го чекам Ѓорге да го допие ова и да си одиме заедно, да свртиме една, а?“
„Сум, зошто да не“, рече Здравко и влезе во шанкот. Ја зеде таблата одоздола, веројатно во комодата која му е под шанкот и седна на масата со човекот. Ја отвори таблата и почнаа да играат. Од грамафонот почна да свири „Скопје“ од Леб и Сол, на плоча.
„Ееее, конечно проработи“, рече Здравко. И почнаа да ги фрлаат заровите. Се слушаше оној препознатлив звук на заровите кога удираат во дрвото од таблата.
Во бифето влезе човек. Седна на масата на која беа цигарите, кафето, чашката со ракија и мезето туршија. Отпи од ракијата. Да, тоа беше Ѓорге, оној кого го чекаа да се допие.
„Што е бе Ѓорге?“, праша Здравко. „Нешто си ми замислен?“
„А бе додека доаѓав навака ми текна нешто. Утре планирам да отидам до некоја од надлежните институции и да им дадам предлог, бесплатен, се разбира, на оние институции кои се задолжени за развивање на урбаната култура во овој град, да се направи место кое ќе ги памети и почитува за век и веков урбаните херои на нашето време“.
„Не разбирам што сакаш да кажеш“, рече Здравко и фрли со заровите.
Сега веќе станува интересно. Барем за мене. Ѓорге продолжи.
„Просто е. Наместо да се градат шеесет катниците на паркингот спроти ГТЦ нека се направи парк со полукружен ѕид, висок до пет метри, кој ќе почнува од наплатната рампа онаа кај Дрводекор и ќе завршува кај таксистите кои стојат пред онаа нована катна гаража, не знам како се вика, онаа стакленана кај ССМ што е. Во ѕидот нека се направат врати за провев, а истите ќе ги носат луѓето до кафичите и кафанчињата кои се во „Ново Маало“. Значи никој да не е оштетен. Е, тој ѕид нека биде именуван како „Ѕид на Урбаната Културата“ (Ѕ.У.К.) каде што за почеток, како прво ќе се нацрта во природен раст великиот Горан Стефановски и веднаш до и околу него да се испишат дел од неговите маестрални реплики / фрази / куси монолози … со тоа новите генерации ќе можат, како прво, да знаат кој е Горан Стефановски, а потоа и да се на јасно каков им е идентитетот, бидејќи ако оваа нација вреди нешто, тогаш тоа сигурно најавтентично е напишано во пиесите на Горан Стефановски. Ако по нешто треба да се идентификува овој град тоа сигурно многу повеќе е Горан Стефановски и останатите урбани херои, отколку што тоа е МПЦ.
И потоа, нека се наредат, нацртаат во природен раст, или не мора да е природен, сите останати урбани херои, со име и презиме, нека се испишат нивните мисли, цитати, реплики, фрази се’ она по што биле познати во своето живеење, работи со кои оставиле некаков печат во ова општество, односно се труделе да го развијат правилно ова општество.
Скопје кончено мора да тргне на патот кон светски урбано развиените градови. Мора да постои паметник за луѓето кои не’ задолжија сите да се бориме за поубаво утре. А и тоа го заслужуваат…“.
Платив, станав и набрзина излегов. Не продолжив да слушам што потоа продолжи да кажува Ѓорге. За мене, до тука беше сосем доволно.
Излегов надвор. Точно е 16:42. Чавките почнаа силно да гракаат.












