На 3 јуни, ЦИВИЛ МЕДИА објави истражувачка сторија под наслов „Коридорот на ‘старо железо’“ за тоа како една заплеткана рута од Словачка, преку Романија и Северна Македонија, претвори расходувани противвоздушни системи во профитабилна зделка со проруски посредник во Африка – Уганда.
Скандалот кој изби во Словачка, а ја вклучува и Северна Македонија како транзитна земја, се поврзува со сомнителната продажба на две батерии од системот 2К12 Куб (НАТО ознака: SA-6 „Gainful“), мобилен ракетен систем земја-воздух од советската ера.
Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа се обрати до Кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски барајќи одговор за клучните детали од оваа сторија: која компанија била ангажирана физички да ги транспортира системите „Куб“ низ македонската територија и на кој правен субјект му е издадена официјалната дозвола за транзит?
Формалната дозвола за транзит на воена опрема ја издава Министерството за економија, но дури по добиена строга и задолжителна согласност од министерствата за одбрана, за внатрешни и за надворешни работи. Со оглед на комплексноста и сензитивноста на операцијата, како и големиот број ресори вклучени во неа, логично е одговор да се побара токму од Кабинетот на премиерот, каде што сите овие информации се слеваат на едно место и каде што може најрелевантно да се одговори на прашањата од висок јавен интерес.
Редакцијата побара одговор и на прашањето дали при давањето на задолжителната согласност, надлежните македонски институции извршиле безбедносна и геополитичка проценка на ризикот, имајќи ги предвид длабоките воени врски на официјалниот краен корисник (Уганда) со Руската Федерација. За јавноста е од исклучителен интерес и податокот во кој период точно се реализирал овој транзит низ македонската територија и дали МВР обезбедило соодветна вооружена придружба за конвојот, согласно законските обврски.
И по три недели од упатените официјални прашања, Кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски одлучи целосно да ја игнорира јавноста и сѐ уште одбива да даде каков било одговор.
ЦХТМ (CIVIL Hybrid Threats Monitoring)
Сите права се задржани.














