• Latest
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Историја

October 11, 2026

Една болна последица предизвикана од криминалната држава

October 11, 2026

Срамен пакт со диктаторот: Трамп ја предаде Украина за крвав руски дизел

October 10, 2026
ЕУ - Северна Македонија - Бугарија

(АКЦЕНТ) Северна Македонија во сопствениот лавиринт: Геополитички можности, политички блокади и изгубено време

October 10, 2026

Светски ден на менталното здравје: Гласот на луѓето со лично искуство мора да влијае врз одлуките за грижа и превенција

October 10, 2026
Запорижиа, 10 октомври 2026 (ДСНС)

Нов бран на руски терор: 12 загинати, меѓу нив три деца во Запорижја

October 10, 2026

Пропаганда под маската на новинарство: OpenAI откри како руски и ирански мрежи манипулирале со медиумите

October 10, 2026

(ИНФОГРАФИК) Банките доминираат на Македонската берза: Пет банкарски акции со над 71 отсто од редовниот промет

October 10, 2026

Шефот на Microsoft AI предупредува: Машините што веруваат дека имаат свест и права може да станат закана за човештвото

October 10, 2026
Тимоти Снајдер (фото извор: Википедија)

Тимоти Снајдер за желбата за терор и сценариото за уривање на американската демократија

October 10, 2026
Меморијал во близина на домот на Ана Политовскаја, Москва, 2006 (фото извор: Wikimedia)

„Путин не разбира дека луѓето имаат права“: 20 години од убиството на Ана Политковскаја, нарачателите сè уште непознати

October 9, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Историја

(алатка на будали за политикантски потреби)

October 11, 2026 10:37
in ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Share on FacebookShare on Twitter

Оливер Андонов

Немав намера да пишувам за Самоил, но кога веќе со денови во Македонија и Бугарија се води расправа и препукување за Самоил, си реков: „Ајде и јас да не сум покус, па да се замешам во оваа балканско – братучедска чорба како миродија“. Чорба во која се ставаат политичките будалаштини кои ја користат историјата за дневно-политички, современи потреби на политикантите.

Секако, не е историски важно, но ќе влезе во историјата како изгубеност, глупост или будалаштина тоа што Мицкоски со македонските граѓани, а и не само со нас, си игра „пу, пу, не важи“. При тоа, се обидува да набеди некој друг дека му измислил изјава, но за разлика од 10-от и 11-от век на Самоил и другар му Василиј II (Македонецот, Бугароубиец, Очовадник) сега сме 21-ви век и постојат видео записи, па тешко може сега, но и низ подоцнежните векови да се фалсификува кој што рекол или напишал.

Иако професор, доктор, премиер Мицкоски се обиде да фалсификува сопствена изјава, тој не застана на тоа, туку најбезобразно, во име (не би рекол) на целата македонска нација како премиер на јавна сцена ја излажа претседателката на ЕК, а нас како Македонци нѐ доведе во исклучително голем историски ризик. Тоа укажува на полната подготвеност на ликот да фалсификува сѐ и сешто и да ни пласира секакви лаги и глупости. Па така, оваа изјава на професор, доктор, премиер Мицкоски и играчка – плачка (а ќе биде плачка, но за сите нас), нема да може да се фалсификува и ќе биде забележана во лошите анали на македонската државност и на нејзините прославени премиери.

Покрај тоа, да изнесуваш историски невистини поврзани со предавањето на коските на Гоце Делчев и условеноста за нивно донесување во Македонија во 1946 година со Бледскиот договор од 1947 година е одлика која засекогаш ќе му го стави печатот на несериозен, неграмотен, политички манипулант и лажго. Тоа е видливата слика, за користењето на историјата од страна на будалите како политикантска алатка, која не завршува со вакви бенигни лаги и создава други проблеми. Тука завршува секоја нормална и научно издржана расправа заснована врз аргументи и докази и започнува областа на една друга хуманистичка наука поврзана со човековото здравје, посебно кога едната половина на мозокот не знае што прави другата половина на мозокот (како би рекол еден мој драг пријател).

Ги замолувам нашите партнери од ЕУ да не ни се смеат, не сме сите такви, а воедно ништо да не очекуваат од евентуалната средба на професор, доктор, премиер Мицкоски (доколку смее да отиде во Софија) со бугарската страна под европско посредништво или без него. Ве молам, партнери и пријатели од ЕУ, по секоја цена да бидете присутни на една таква средба, заради историско сведоштво како страна која застанала зад Европскиот договор, а потоа да си го повикате професор, доктор, премиер Мицкоски во Брисел на советување, ако фати советот де.

Но да се вратиме на основата на темата на денешната колумна, цар Самоил и историјата.

Грците, мудро си гледаат како се убедуваме и расправаме со Бугарите и како и самите Бугари се расправаат помеѓу себе за тоа дали се коските (што би рекле братучедите Б’лгари – тленните) – земните посмртни остатоци, од Самоил, или не се. Посебно, дали вредело да се дадат 48 (четириесет и осум) артефакти за коски за кој допрва треба да се утврдува дали се на Самоил.

Несомнено (по скоро 40 години преговори), брзината на постигнатиот договор и посебно на крајот од „преговорите“ – од крајот на мај 2026 година кога се вклучува грчката влада (со своја математика), а во септември годинава и Фанар (со своја математика), укажува не само на тоа што постигнува Грција и други, туку што сака да постигне владата на Радев. А тоа е јасно и од авион се гледа. Пред изборите, тамам на време, уште долго во Бугарија ќе се води дебата која ништо нема да може да поправи или смени, бидејќи веќе е сторено – се предадоа артефактите и се земаа коските. Сега post festum, научните современи анализи може да утврдат и дека не се коските на цар Самоил. Но кому му е тоа важно? Важно е дека на 3-ти Октомври, Бугарија со торжественост беше во национален занес, како да се постави последното камче во митолошкиот мозаик на историјата и тоа токму во вистински миг, кога на Радев му требаше, првенствено за негова внатре политичка потреба пред избори.

Не слушнавме ништо во врска со погодените кораби во бугарските економско-територијални води од страна на Русија и мерките кои ќе ги преземе Бугарија како земја членка на НАТО а која излезе од европскиот анти-дронов сојуз. Ниту збор за оставката на Началникот на Генералштабот на бугарската армија или отворањето на договорот Боташ. Ниту збор дека Радев јасно кажа дека нападот со дронови на Црно море го направи Путин. А овој – Путин, го зафркна Радев и во ек на расправата и торжеството за Самоил му направи инцидент, колку да му покаже кој е газдата кај кого потпишал меница. Напразно се приреди државно организиран спектакл кој на пиедесталот требаше да го подигне Радев, исто како во 1981 година кога Тодор Живков организира голема парада во Софија по повод 1300 години од бугарската држава „со сигурен поглед во комунистичката иднина – само следните осум години“. Се сеќава ли некој уште на таа парада и државна прослава на комунизмот и 9-ти Септември?

Но затоа бугарските историчари влегоа во меѓу простор, не во врска со тоа чии цар бил Самоил, туку во меѓу простор да исчекуваат дали навистина се тоа коските на Самоил. А што доколку не се? Ќе се врати се наназад? Е нема! Туку ќе се развлекува и крие, за да срамот не биде голем. Доколку пак се коските на Самоил, тогаш што е со другите коски пронајдени во другите гробови – чии се? Во оваа внатрешно-политичка игра во Бугарија, Грците се замешаа со поддршка на Фанар и тоа токму како и секогаш, со ум, историско искуство и свој интереси, наспроти недокваканите „политиканти“.

Од авион се гледа дека со прибирањето на византиското наследство (иако во предадените артефакти не се само црковни предмети од византиско време како и мошти на византиски светители), Грција на еден тивок начин, со ум и мека моќ, се обидува целото византиско наследство да го прикаже како грчко. Потполно исто како што кон крајот на 18-от и почетокот на 19-от век, со помош на филозофски „осознаениот“ Запад, целото античко наследство е прогласено за грчко. Многу умно од нивна страна, по антиката да стават рака и врз целиот среден век – Византија, и во исто време да отворат прашање за враќање на многу предмети – артефакти од византиско време во Грција. Згора на сѐ, во целата оваа работа нѐ замешаа и нас, односно ние самите се замешавме – од глупост. За волја на вистината злобниот ПР овие собитија со Самоил ги искористија за ширење дезинформации од историски аспект кај македонските граѓани со современа цел во македонската политикантска бара.

Сега ние треба да си поставиме неколку логични прашања, за да не паѓаме во несвест и да трошиме време на историски будалаштини. Токму будалаштини. Тоа трошење на време е директно насочено кон потиснување на современието и иднината и зачинето со будалаштини кои скапо ќе не чинат.

Најпрво, ќе се зголеми судирот со Бугарија со додавање уште на еден индикатор на кој и самите Бугари ќе надолеат масло преку својот национален занес, а дополнително и будалите кој мислат дека ги победиле Македонците од Скопје. А немале што и за што да победуваат, бидејќи историските документи и докази се недвосмислени, па дури и историската комисија го определи Самоил и го завери со свој потписи. Но тоа што се случува и ќе се случува, ќе нѐ заплетка во меѓусебните односи дотаму што нема да можеме да се отплеткаме, а во даден миг Грците повторно ќе може да постават некои прашања поврзани со добро соседството, историјата и слично, но сега повикувајќи се на искуството со Радев и неговите политикантски потреби. Никој нема никогаш, ние сигурно, па дури ниту Бугарите да прашаат: „Зошто во селото Св. Герман во Преспа (близу до македонската граница кај Маркова нога), старословенските написи во црквите се избришани и преправани на грчки јазик“?

Затоа треба ова прашање за Самоил да го затвориме низ фактографијата на достапните аргументи и материјални докази, еднаш засекогаш, како што веќе направи историската комисија. Во историјата аргументи се пишаните и материјалните остатоци. Кој има појак аргумент – факт, тој победува и нема тука плачки. Тука не се сметаат фалсификатите или преправањата на поедини докази, а не пак нивно толкување од денешна перспектива и моментален интерес. За жал тоа го прават сите на Балканот, во надеж да се прикажат што постари и по автентични, а потоа тоа го користат други, мрачни сили.

Самоил е несомнено историска личност, а јас како не историчар, за него и неговиот период кој спаѓа во рамките на византологијата не можам да зборувам многу и во детали. Тоа што го знам е засновано не исклучиво врз тоа што сум го учел во рамки на образованието како аксиома која ни беше претставена, туку врз тоа што сум го сретнал како материјален доказ, објавен и достапен во јавноста и тоа за секого кој сериозно би се заинтересирал да прочита и види.

ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.

Најпрво, територијата Македонија, историски ја менувала границата посебно во однос на северните денешни делови на современа Македонија. Најчесто како дел од држава, како област, или во Византија, како Тема. Во времето на Самоил, областа Македонија била во денешна Тракија, односно главен центар на тогашна Македонија било Едрене (Адрианополис). Во историската наука постојат многу материјални докази дека потеклото на византиската, Македонска династија, е од Едрене, уште од Василиј I. Тоа го знае секој дипломиран историчар во Македонија, па оттука е јасно дека Василиј II е византиски император од Македонската династија цареви.

За нас современите Македонци е многу шизофрено да се обидуваме денешното наше македонско самосознание да го порамниме со онаа на византиската Македонска династија. Дури многу уверливо може да кажеме дека тогашните Византинци, не се сметале себеси исклучиво за Грци (барем до 13-от/14-от век), туку најпрво за Ромеи (втор Рим, Источно Римско царство) со наследство од Константин Велики и Јустинијан I, а религиски дел од Христијанството кое во тоа време сѐ уште не било поделено, но со употреба на латинскиот и грчкиот јазик, секако, повеќе грчкиот. Дури и Османлиите ги сметале за Ромеи (Рум Милет). Многу е чудно и пред сѐ нелогично да тврдиме дека Македонската династија на византиски цареви војувала против Македонското царство на Самоил. Се поставува прашање: „Дали тоа била граѓанска војна во Византија“? Без разлика што пишува Остроготски (не исклучувам политичко-идеолошко влијание во 20-от век кога создавал), оваа дилема останува и на неа никој, посебно во македонската историска наука не дава одговор. Делумно одговорот е содржан во нарекувањето  „Самоилово царство“.

Самоил се прогласил за цар 997 година, односно по смртта на Роман и за цело време додека бил активен како комитопул, и би протолкувал слободно со денешен речник „заменик“ цар од 976 до 997 (иако некои податоци укажуваат дека Самоил станал цар дури 1001 година) и потоа како цар до 1014 година продолжил да војува со Византија, односно токму против Македонската династија претставувана најпрво од Јован Цимиски до 976 а потоа од Василиј II. Тоа се докажани историски факти кои ги надополнуваат материјалните докази дека Самоил ја зел бугарската круна и со благослов на Римскиот папа (повторно како политичка цел, бидејќи во Цариград биле заточеници синовите на бугарскиот цар Борис II кој пред смртта владеел во Скопје) се прогласил за цар, а византиската политика токму поради синовите на Борис II, го нарекува Самоила и узурпатор на бугарската круна. Интересно е да се одговори на прашањето: „Зошто Римскиот папа (Григориј V или Силвестер II, и тоа не е точно определено) на Самоил му ја дал – признал бугарската круна, а не му дал нова круна – МАКЕДОНСКА“? Ова се логични прашања на кои историчарите треба да најдат одговор. Иако за ова во врска со Папата нема историски потврди за што пишува и Иван Снегаров.

Токму овој миг на прогласување на Самоил за цар на Бугарите со престолнина во Преспа и Охрид, како материјален доказ го потврдува битолскиот натпис, каде на глаголица е јасно напишано дека Јован Владислав (синот на Арон, братот на Самоил) се претставува за цар на Бугарите и наследник, внук, на Никола и Рипсима (родителите на Самоил).

Сосема доволно за еден не историчар да врз основ на логични прашања, материјални докази и потврдувања на историските собитија од пред повеќе од еден милениум разбере чии цар бил Самоил, односно чија круна носел, па оттука и каков бил политичкиот карактер на тоа царство кое некои од историчарите го нарекуваат „Западно Бугарско царство“, некои пак „Самоилово царство“ – веројатно во обид да му го оспорат правото на наследство на Бугарскиот царски трон на Самоила, бидејќи не сум сретнал во историските податоци дека имал некаква роднинска врска со Роман и Петар (подоцна Борис II) како дел од царската лоза.

За мене тука завршува секој интерес за расправа околу Самоила и токму со мојата логика на расудување нема да му давам одблесок и влијание, а не пак поистоветување со современието.

За мене во современието но скоро цел век наназад, постои оформен македонски народ, колку и некој да сака да го остави „македонското прашање“ отворено и упорно да го отвора со нови расправи заради политикантски интереси. Повеќе од осумдесет години постои македонска држава, а триесет и пет години самостојна македонска држава. За мене е нормално и не е шизофрено ние како современи Македонци нашиот поглед да го насочиме кон иднината, кон ЕУ. Тоа би било исклучително полезно за нас, бидејќи така ќе ги избегнеме нашите внатрешни, емоционални  судири кои може да ни предизвикаат збунетост и несигурност.

Замислете, Бошњаците од Босна, Санџак, Црна Гора и Македонија или Албанците да почнат да гледаат наназад во религиското минато на нивните народи или семејства. Или пак разните европски народи или во САД – каков хаос би бил тоа. Но луѓето ја прифаќаат сегашноста како свршена работа и продолжуваат да живеат со современите етно-религиски, културолошки и социјални карактеристики на современите Бошњаци или Албанци и воопшто не водат современи општествени дебати за тоа кој што бил, а не пак зошто и во кој историско-општествени услови.

Токму ова е мотивот и целта да се вклучам како мирудија во оваа секаква, само не нормална „историско-научна“ дебата во врска со коските на Самоил добиени во замена (класична трампа која може за Бугарија да испадне танте за кукуригу) за 48 артефакти кои потекнуваат од два манастира во околината на Сер (Св. Јован и Св. Богородица) и од Серската митрополија. Артефакти кои не мора да значи дека се изворно византиски а не пак грчки. Но тоа е, во нив се најде и една хранилница на мошти со мошти од Св. Матрона Константинополска за која постојат податоци дека потекнува од црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид. Како се нашол овој артефакт на списокот на овие 48, никој не постави прашање, а би требало? Посебно од македонска страна, бидејќи има врска со некои други случувања во текот на Првата Светска војна во Македонија – Охрид, а кое случување така вообичаено кај нас се употребува нај безобразно и со лаги и дезинформации за дневно-политички цели и денунција на луѓе, но најмногу за создавање злоба, омраза и збунетост кај македонските граѓани.

Патем, еднаш одамна напишав дека на 28-ми Ноември 1916 година од Охрид во Софија на „привремено чување“ се однесени 84 црковни старини. Меѓу нив највредни се: Иконата на Христос Спасител подарок од охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан, охридски архиепископ 1216-1236, поврзан со византиската династија Комнини, плаштеницата на Андроник Палеолог (не е наведено од кој од Андрониците конкретно но сигурно во периодот од средината на 13 от до почетокот на 15-от век), токму, голема сребрена кутија со мошти од Св. Матрона која сега е предадена на Грција, покривки поврзани со Дука Комнен (епирски деспот и солунски цар од почетокот на 13-от век кога на охридскиот престол бил архиепископ Јован V Каматир), две старословенски евангелија од манастирот Св.Наум Охридски, ракописно старословенско евангелие, летописот на Јован Скилица (многу важен историски документ со прецизни хронологии за историјата од IX до XI век чии препис од XIII век се наоѓа во Мадрид, но постои еден верзија на летописот од 1118 година која е во Виена, така што не е наведено за кој летопис точно се работи – можеби за оригиналот – ете работа за македонските византолози), жезолот на Св.Климент и митрата на охридските архиепископи (златна митра со 329 рубини, сафири, гранати и морски бисери), не митра на Св. Климент, земени од црквата Св. Богородица Перивлепта, евангелие со ликот на Св. Климент, дваесет стари словенски ракописи и друго. На актот за примо-предавање на списокот потпишани се: Г. Петров (охридски окружен началник, не може да се потврди дека се работи за Ѓорче Петров кој во тоа време ја води Битолската анкетна комисија), охридскиот митрополит Борис (роден во Стара Загора), Петар Чаулев (околиски началник, познат деец на ВМРО), Лев Огненов (секретар на окружното началство, охриѓанец деец на ВМРО, починат 1953 година во Охрид), Спиро Сарџов (граѓанин на Охрид, деец на ВМРО – охридски војвода, чевлар).

Поентата на потенцирањето на овој документ не е во започнувањето на кавга со Бугарија околу овие вредни предмети, туку токму во онаа што самиот Радев како докажан Европеец (за кого ЕУ кажа дека има лек за орбанската болест, од која ќе го лекува), го кажа во врска со коските на Самоил и со 48-те артефакти предадени, токму на Грција, а тоа е дека тоа е „докзателство на европеиски ценности“. Е па сега драги мои, на потег е владата на професор, доктор, премиер Мицкоски, исто така докажан Европеец, кога ќе оди во посета на Бугарија (за што нели најави дека ќе бара со нота преку Муцунски кој патем се виде со Чамова и го доби познатиот и очекуван одговор), да го потсети Радев, дека главен проблем не е Бугари во Устав (освен за самиот Мицкоски), како ниту историската комисија, туку токму духот на европските вредности кои треба да ни овозможи со нашите братучеди да се разбереме и да ни бидат вратени предметите однесени на „привремено чување“ во Софија.

Верувам дека современите Македонци и македонската држава ќе бидат исклучително благодарни на своите браќа, братучеди, Б’лгари, и дека промената на Уставот на Македонија и вклучување на Бугарите како конститутивен народ исто така ќе биде дел од европските вредности и човекови права. А заедничкиот актуелен разрок и заматен поглед на роднините, нема да биде кон Самоил, ниту кон Димитриј Хоматијан, а ниту кон Петар Чаулев (охридски градоначалник 1915-1918), туку тоа ќе биде јасен – чист поглед кон ЕУ и заедничката иднина во Шенген и евро зоната. Поглед во кој и едните и другите ќе можат спрема своите наоѓања да се поклонат пред коските во Св. Софија, но и да го видат жезолот на Св. Климент токму во Охрид, како и митрата на охридските архиепископи (наречена митрата на Св.Климент) изработена во Венеција во почетокот на 18-от век.

Тоа што го очекувам понатаму, а во насока на продлабочување на конфликтот со Бугарија и заради преживување на домашните ни политиканти во Македонија и во Бугарија, е да се развие дискусија околу Охридската архиепископија и нејзиниот „етнички“ карактер. На крајот, повторно Снегаров – врз основа на втората христовула на Василиј II тврди дека канонски Охридската архиепископија е наследничка на Доростолската патријаршија, но и на Јустинијана прима – ете предизвик за сериозните македонски византолози. Во основа, ова со етничкиот карактер на Охридската архиепископија е голема глупост, најпрво затоа што нејзините архиепископи од 1018 до 1767 година во најголем број по етничката припадност биле Грци. Но, за ова во друга колумна. И така многу ја зачинивме Самоиловата чорба. А допрва ќе треба да се подгрева и срка, ставајќи ја во современ (не)контекст.

 


Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.


ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.

Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.

Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.

Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.

Tags: БугаријаВизантијаисторијаМакедонијаполитикантиЦар Самоил
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ