Промените многу бавно се случуваат. Пребавно.
Прво, промената не доаѓа затоа што живееме во општество во кое е руиниран системот на вредности.
Процесот не се случи одеднаш, преку ноќ. Постепено, тие кои не знаат, кои не умеат, кои не разбираат, ги освојуваа високите функции во власта и се разбира се опкружуваа со луѓе кои или знаат, умеат и разбираат помалку од нив, или пак, со луѓе кои знаат, умеат и разбираат многу повеќе, меѓутоа се спремни тоа да го прикријат со цел добивање бенефиции и позиции.

Во одреден момент се создава ситуација во која никој не кажува или не смее да каже кога е очигледно незнаењето, неумешноста и неразбирањето на некој кој се наоѓа на власт и тој, властодржецот почнува и самиот да верува во сопствената глума дека знае, умее и разбира.
Вообичаено, рационализирањето ме штити од тоа да бидам извадена од такт од некој кој не знае, не умее и не разбира, а се наоѓа на позиција од која може да има значајно влијание врз она што се случува во државата. И навистина многу се нервирам кога ќе успее да ме извади од такт некој како Мицкоски.
На рационално ниво гледаш како лаже, мами, манипулира, извртува, дава погрешни податоци, дезинформира. И гледаш дека сето тоа го прави на ниво на осмоодделенец кој е фатен како бега од часови и со секој збор сѐ повеќе се вплеткува. И гледаш дека се обидува да ги копира тие што знаат, и дури употребува и зборови и реченици кои претходно ги изговориле тие што знаат, ама бидејки не им го разбира значењето тоа е до солзи смешно и во исто време и тажно.
Меѓутоа, ме доведува до очај сознанието дека има толпа која му верува, има толпа која лесно заборава, има толпа која истиот тој човек ја покрал и ја излажал, а која сега ги голта неговите зборови.
И се чувствувам ужасно беспомошна.
Не ретко сум во дилема, дали воопшто да се впуштам во објаснување на сите неточности кои ги кажува, на сите измислици или сопствени перцепции прикажани како непобитни факти, кога знам дека по два дена тој со еднаков жар и сигурност ќе го повторува истото кое претходно му било оспорено со аргументи и докази. Во ваква ситуација се станува двоен губитник. Од една страна се стекнува впечаток дека ни првиот пат не му биле побиени глупостите кои ги вади од малиот мозок, а од друга страна, во меѓувреме на секој аргумент се извадени уште десет неточности кои треба да се побиваат една по една.
Најстрашното е што вакви ликови играат токму на картата на несовршеноста на демократското општество искористувајќи го секој институт на демократијата на начин кој е спротивен на логиката на тој институт. Тоа е исто како на пример со правото на протест и поставените гајби на среде улица со кои се блокира сообраќајот. Не, гајбите немаат право да протестираат и да, протестот треба да се изведува на начин кој најмалку ги ограничува правата на другите. И да, протестот е последно орудие на спротивставување на граѓаните, а не прво.
Ваквото извитоперување на демократските алатки доведува до таков хаос во кој луѓето посакуваат да дојде некој со цврста рака кој ќе ги среди работите еднаш за секогаш. Диктатурите се раѓаат токму врз хаосот создаден од луѓето кои ја злоупотребуваат демократијата (било намерно или едноставно од незнаење).
Јас цврсто стојам на ставот дека и најлошиот состав на власта во која се наоѓа СДСМ е подобар од најдобриот состав на актуелната ВМРО-ДПМНЕ. Со сите грешки, со сите глупости, со незнаењето, со неактивноста, со малверзациите, со тендерите, со непотизмот. Со сите тие глупости ова е демократска власт (во нејзиното најлошо издание ама демократска), а ВМРО-ДПМНЕ создаде недемократска власт која од државата го исшмука и последниот милиграм на право.
Не ни е потребен водач на бел коњ (кој тврди дека се знае, се умее и се разбира) за да не извлече од септичката јама. Потребни ни се институции и многу, многу прагматизам за да се избориме со остатоците на шлајмот на претходната власт.
За да се оствари ова потребна е многу побрза и посуштинска промена. Без ваква промена разликата веќе исчезнува.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.