Денеска во судот како еден од обвинетите во случајот на СЈО „Шлаканици во Центар“ се појави и Александар Трајковски, кој јавноста го виде на фотографијата со Никола Груевски во Будимпешта.
Тој не беше расположен да даде изјава пред камерите, но во разговор со новинарите одговорил дека во Унгарија отишол бидејќи имал проблем со синусите за кој во Македонија не можеле две години да му постават дијагноза.
Александар Трајковски е вработен во Царинската управа, од каде соопштија дека во времето кога беше објавена фотографијата тој бил на боледување. Од Царината најавија дека е поведена постапка за утврдување дали боледувањето му е оправдано и оти ако се утврдат злоупотреби ќе бидат преземни соодветни мерки.
Фотографијата од Груевски на која е и Трајковски беше снимена и објавена од дописник на „Гардијан” од Будимпешта и е прв фото запис од поранешниот премиер по бегството во Унгарија.