Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, се номинрани за Нобелова награда за мир за 2019 година за Договорот од Преспа, со кој се надминува дводеценискиот спор за името. Номинацијата денеска во Скопје ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи.
Нобеловката Бушамауи рече дека Договорот од Преспа покажува дека две држави заедно се способни да седнат, преговараат и постигнат договор и дека и претставува чест да ги номинира Заев и Ципрас за Нобелова награда за мир.
„Номинацијата не е само лично за Зоран Заев и Алексис Ципрас, туку и за сите граѓани. Ова е модел за дијалог и просперитет. Силно верувам дека Македонија или треба да кажам Северна Македонија и Грција ќе ја добијат Нобеловата награда и ќе бидат доказ за светот дека се може да се постигне со договор. Откако ќе биде ратификуван Договорот ќе биде силна порака дека дијалогот е можен, рече нобеловката Бушамауи.
Номинацијата беше објавена денеска на ФОН Универзитетот, каде за значењето на Договорот од Преспа покрај Бушамауи говореа и членот на Европскиот парламент од грчката владејачка партија Сириза Стелиос Колуглу и деканот на ФОН Нано Ружин.