Според владејачкото мнозинство во Парламентот се подготвуваат измени на Кривичниот законик во членот 353, според кој се оформени повеќе обвиненија на СЈО, пренесуваат повеќе медиуми.
Измените предвидуваат промена на членот според кој се предвидува одговорност за сите службени лица кои со злоупотребата на службената положба оствариле „некаква корист“. Сега ќе се бара одговорност само за оние функционери кои оставриле „имотна корист“. Од власта тврдат дека измената е усогласена со СЈО и дека нема да има влијание на предметите на СЈО.
Сепак, неофицијално, ова е цената што треба да се плати за двотретинското мнозинство во Парламентот за носење на уставните измени. Според новиот изменет член во Кривичен законик, најверојатно од затвор ќе се спасат Елизабета Канческа Милевска, Владимир Пешевски, но и други, како и Сеад Кочан, за кого лобира пратеникот Рамчиловиќ кој е и неформален предводеник на пратеничката група од ВМРО ДПМНЕ која гласаше за уставните измени во првиот круг.
Премиерот Заев вчера изјави дека сè уште нема двотретинско мнозинство во парламентот и дека засега има обезбедено 76 гласови од пратениците.
М. И.