На политичката и општествената сцена во Република Македонија денеска е речиси се забрзано, во пресрет на новогодишните празници. Од дневните настани издвојуваме:
Новогодишно обраќање
Претседателот на државата Ѓорге Иванов денеска во традиционалното годишно обраќање пред пратениците во македонското Собрание, побара од парламентрарното мнозинство да смогне сили и да го отфрли Договорот од Преспа.
СЈО
Специјалното јавно обвинителство го достави до судот предлогот да му се укине притворот на обвинетиот Сашо Мијалков, и да му се замени со поблага мерка, односно со куќен притвор. ЦИВИЛ МЕДИА веќе го најави преиначувањето на мерката притвор, повикувајќи се на неофицијални извори.
По овој предлог треба да одлучи судот, по што ќе се знае дали Мијалков ќе излезе од затворот во Шутка, како што излегоа и неговите поранешни сопартијци и бизнис партнери кои вчера и денеска го напуштија затворот.
Со одлука на Апелациониот суд ублажување на мерката доби Орце Камчев, Цветан Панделски и останатите обвинети во предметот „Империја“. Денеска им беше укинат и притворот на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, и заменет со куќен притвор.
Граѓански организации
Граѓанските организации револтирани од промените во Предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик денеска во 14:15 ќе достават писмо до претседателот на Собранието, пратениците и предлагачите на законот со кое се бара веднаш да се повлече од дневен ред на собраниска седница.
Човекови права и слободи
ЦИВИЛ – Центар за слобода го прогласи декември за месец на човековите права. Секој ден потсетуваме на членовите од Универзалната декларација за човекови права и слободи.
На 28 декември ЦИВИЛ потсетува на 28-иот член од Универзалната декларација за човекови права кој гласи:
Член 28. Секој има право на општествен и меѓународен поредок, во кои правата и слободите наведени во оваа Декларација можат да бидат целосно реализирани.
Пред самиот крај на годината, вообичаено е сандачињата да се преполнат со пораки и картички со честитки и желби за успех, среќа, здравје и радост во Новата Година. Организацијата и нејзините претставнички и претставници деновиве се затрупани со такви честитки од организации и институции, локални, национални и меѓународни. На сите нив, секој ЦИВИЛ им возвраќа со голема насмевка и благодарност за вниманието. На сите им ги возвраќаме честитките за успесите и во Новата 2019 година им посакуваме уште повеќе успех, среќа, здравје и радости на персонален и на професионален план. На сите организации и институции им посакуваме исполнети планови со одлични индикатори за вистински, реален успех и најдобри можни достигнувања што го подобруваат животот на луѓето.
Дијана Тахири
фотографија: Томислав Георгиев/kolektif.mk