Се барат седум експерти и активисти со долгогодишно искуство во областа на правото, човековите права и информатика, кои ќе треба да вршат цивилен надзор над работата на безбедносните служби и новоформираната агенција ОТА. Но, сите тие ќе треба да ја спроведуваат оваа функција бесплатно и без никаков материјален надоместок. Ова е една многу важна улога што воедно беше и препорака на меѓународната заедница уште во првите денови по објавувањето на скандалот со прислушувањето во 2015 година и за бројните злоупотреби на безбедносните служби.
Фактот што за членовите на советот за цивилен надзор не се предвидени средства за надоместок или плати, неофицијално, низ кулоарите на Собранието се споменуваше и како можна причина што за ваква комисија се пријавиле само 8 кандидати за 7 места. Истовремено, за Државната за позиции што се однесуваат на Комисија за спречувањето на корупцијата што на вчерашниот дневен ред во собраниската комисија беше заедно со цивилниот надзор на безбедносните служби, се пријавиле над 30 лица за само пет места.
На вчерашната седница на Комисијата за избори и именување не се изврши избор на претседател и членови на комисијата за цивилен надзор. Претседателот Илија Димовски предложи огласот да се поништи и да се објави нов заради немањето ниту еден кандидат Албанец, за да се испочитува и уставната одредба за правична застапеност. Тој предлог беше подржан и од членовите на ДУИ и БЕСА во Комисијата, а од коалицијата предводена од СДСМ имаше предлог да се избираат четири члена и за три други да се објави нов оглас. На крајот, сите се одлучија дискусијата за оваа точка да се продолжи во понеделник кога и ќе се донесе конечна одлука.
Освен овие аномалии во целата досегашна работа за формирање на надзорната комисија, независната пратеничка Ивана Туфегџиќ обвини дека Собранието не дал доволна јавност на овој оглас и затоа, според неа, се пријавиле толку мај број на кандидати. Таа истакна дека и профилот на кандидатите не е доволен за исполнување на сите профили кои се барат.
„Мислам дека поголемо прашање од интересот на граѓанските организации и експертите да учествуваат во вакви тела е колку тоа ние го правиме јавно. И оттука, вината за тоа што имаме помал број, условно речено, пријавени кандидати ја гледам во Собранието, бидејќи не сме дале доволно јавност на ваков вид на оглас. Погледнете ги сите што ги исчитавме. Имаме само еден информатичар што е пријавен од НВО која е од областа на заштита на човековите права. Тоа ќе биде проблем во спроведување на реален граѓански надзор над безбедносните служби“ – рече пратеничката Ивана Туфегџиќ во своето излагање.
Арбен Зеќири
Насловот и опремата на текстот се редакциски.
Фотографија: Б. Јордановска
Преземањето на содржините не е дозволено.