Премиерот Заев и канцеларот Курц на денешната средба во Виена се согласија дека Република Македонија, односно наскоро Република Северна Македонија и Република Австрија негуваат одлични билатерални односи и на политички и на економски план.
Курц ја поздрави храброста на Заев, но и на целата земја за потпишување на Преспанскиот договор. Курц посочи и дека за Република Австрија од стратешки интерес е регионот на Западен Балкан што поскоро да се интегрира во Европската Унија.
„Ова беше одлична можност да разговараме за конкретни проекти. Во брза иднина се надевам дека ќе можеме и да ги реализираме. Австрија ќе остане на страната на Република Македонија, но и на страната на целиот регион на Западен Балкан, бидејќи географски Европската Унија ќе биде целосна само со членството на Западен Балкан во неа“, истакна Курц на заедничката прес-конференција со Заев по билатералната средба.
Како знак на уважување на историски успех со постигнувањето на Преспанскиот договор, Курц на Заев му врачи медал „Алојз Мок“ за посебни достигнувања за мир и единство во Европа.
Алојз Мок, како што потенцираше канцеларот Курц, имал одлучувачка улога за пристапот на Австрија во Европската Унија, но и одиграл голема улога и за другите земји од источна Европа.
На прес-конференцијата, Заев меѓудругото зборуваше и процесите што завршија во изминатиов период, односно усвојување на Уставните амандмани во Република Македонија, како и ратификацијата на договорот од Преспа во грчкиот Парламент.
Тој истакна дека договорот од Преспа придонесува за регионална стабилност и соработка, но и дека истиот е пример како може да се надминуваат некои идни билатерални отворени прашања или проблеми.