Извршниот директор на Меморијалниот центар на Холокаустот, Горан Садикаријо, на конференцијата „Борба против антисемитизмот и искривувањето на Холокаустот“ одржана по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот зборуваше за недоволното внимание коешто се посветува на борбата против антисемитизмот во Македонија.
„Кога почнавме да ја развиваме оваа институција ние решивме дека главната цел на институцијата не треба да биде луѓето да дојдат, да ја видат изложбата и да си заминат. Главната цел е да се создадат образовни активности и програми за деца, како да се борат во сегашноста со омраза, дискриминација, ксенофобија, антисемитизам, и се разбира одрекувањето за Холокаустот. Затоа што Холокаустот не е статистика“, рече Садикаријо.
Тој истакна многу примери од секојдневието во Македонија кои се косат со заложбите за искоренување на антисемитизмот, како графитите на јавни површини, скверанавењето гробници и споменици посветени на еврејските жртви, па дури и вклучување на децата од најмала возраст во ваквите активности.
„Во овие осум години откако ја отворивме оваа институција и првата изложба, наидов на многу графити кои го опишуваат македонското ксенофобично општество. Само пред нашата институција, на тезга можете да купите магнети со ликовите на Хитлер и Мусолини, без никаков проблем. И кога му се обратив на човекот кој ги продава, тој рече дека тие му се меѓу најпродаваните предмети! Еврејските гробишта во Битола, најстарите гробници на Балканот безброј пати се демолирани и со исцртани свастики. За Први април, денот на шегата, ги имате Џејмс Бонд и Хитлер кои седат заедно, седмооделенци, од истото училиште каде настава посетува и мојот син. Тие не знаат што прават , но затоа нивните родители и учители знаат“, истакна Садикаријо.
Тој е дециден дека ние како општество, но и образовниот систем не работиме доволно за да се превенира ваквото однесување во нашето соседство, но и во земјата.
превод и обработка на текст: Маја Ивановска
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Ангела Петровска
Во наредниот период тимот на ЦИВИЛ Медиа, ќе објави повеќе видео содржини од конференцијата „Борба против антисемитизмот и искуствата од Холокаустот“ како еден мал гест и придонес кон борбата која мора да продолжи, и никогаш да не се заборави!