Познавајќи ја човечката или „нечовечката“ историја, сите оние војни на верска или етничка основа, сите оние предрасуди кои сè уште се присутни во нашето секојдневие, гледаме дека некои видови на омраза не можат да се искоренат од човековата „природа“.
По тој повод, на годишно ниво се одржуваат настани или прес-конференции со кои се сеќаваме на оние работи од минатото и се дава порака за истите да не се повторат никогаш.
Како еден од овие настани, најголемата лекција од човековата историја е токму онаа за Холокаустот што се случувал за време на Втората светска војна. Холокауст претставува термин кој се користи за масовното систематско убивање на околу шест милиони Евреи, во текот на Втората светска војна, од страна на нацистичкиот режим во Германија, предводен од Адолф Хитлер. Во овој режим не биле поштедени и други групи на луѓе како: Ромите, Словените, хомосексуалците итн…
Конференцијата „Борба против антисемитизмот и искуствата од Холокаустот“ се одржа по повод Меѓународниот ден на сеќавањето на Холокаустот во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија.
Во првиот панел „Предизвици на современиот антисемитизам и дисторзија на Холокаустот во Европа, начини и значења во справување со овој феномен“ зборуваа Амбасадорот Томас Мајкл Бајер, специјален претставник на Австрија во Меѓународниот холокауст, Сеќавање на Алијансата -ИХРА, Амбасадорот Јован Теговски, национален координатор и шеф на македонската делегација во ИХРА, британскиот амбасадор во Македонија Х.Е. Г-ѓа Рејчел Галовеј и Бета Хараланова, претседателка на Институтот за зачувување на Холокаустот во Бугарија.
На вториот панел „Активизам на граѓанското општество и улогата на медиумите во борбата против говорот на омраза и дела поттикнати од говорот на омраза зборуваа Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, Мире Младеновски, претседател на EUROCLIO, Горан Садикарио, извршен директор на Меморијалниот центар на холокаустот и Тамара Грнчароска, новинарка Телма ТВ.
На првиот дел од панелот, Амбасадорот Томас Мајкл Бајер посочи на зголемените настани поврзани со антисемитизмот, особено на социјалните медиуми, и не само поврзани со антисемитизмот, туку со секаков вид на ксенофобија, расизам, ектремизам, против мигранти и дека социјалните медиуми многу тешко се контролираат.
Јован Теговски потсети дека темата за Холокаустот не ги засега само Евреите, туку сите нас и дека иако оваа тема не е во главен приоритет, сепак е глобален проблем, не само за Евреите.
Тој додаде дека Владата на Република Македонија ги почитува обврските и посветува особено влијание на аспектите поврзани со Холокаустот, како образованието, сеќавањата на овој немил настан, истражувања и дека младите генерации се нивниот фокус.
Британската амбасадорка Рејчел Галовеј истакна дека еден од 20 Британци не веруваат дека Холокаустот некогаш се случил. Амбасадорката раскажа за своето еврејско потекло и непријатностите со кои се соочила при празнувањето на Ханука.
„Она што го помислив, беше: Не сакам мојата прослава за Ханука да биде јавна, не знаев дали ќе се помине црвената линија и не знаев кој и како би можел да изреагира. На првата вечер од Ханука им ја раскажав приказната на своите деца. Им раскажав дека сме биле окупирани, дека не ни било дозволено да зборуваме за нашата религија. Но сега запаливме свеќи и тоа во јавност, за да покажеме дека не се плашиме повеќе“, рече таа.
„Јазикот на омразата, ксенофобијата, расизмот и антисемитизмот сега е насочено не само кон Евреите, тие секојдневно напаѓаат милиони луѓе ширум светот. Нашата задача е секој ден со сите средства со кои располагаме да се залагаме за граѓанска демократија и слободно општество“, истакна Бета Хараланова.
„Антисемитизмот во исто време е омраза кон сите кои се различни во поглед на оние кои промовираат говор на омраза. Штом зборуваат против Евреите, некогаш ќе зборуваат и против социјалистите, против лицата со посебни потреби, против ЛГБТИ+ заедницата, против демократите и ќе промовираат говор на омраза, а патот од говорот на омраза до насилството е многу краток“, истакна Џабир Дерала.
Директорот на Меморијалниот центар на Холокаустот, Горан Садикаријо, истакна дека главната причинина за овој центар не е само изложбата која е истакната туку главната цел е да се создаде образовни програми и активности за деца како да се борат против омразата, дискриминацијата, ксенофобијата, антисемитизмот…
Мире Младеновски истакна дека образованието треба да служи како превенција во секоја земја, но дека образовниот систем е многу бавен, тие не реагираат на време и ефикасно во ситуации кога треба и дека обично на ситуациите реагираат откако штетата ќе биде направена.
„Пред повеќе од седумдесет години пропагандата во медиумите беа едно од главните орудија во рацете на креаторите на Холокаустот во спроведување на геноцидот врз Евреите. Со говор на омраза и ширење на лаги за она што се случувало во концентрационите логори, канализирани преку медиумите, нацистите го сторија најголемиот злостор врз еден народ во историјата. Тоа беше голема лекција за иднината, за моќта на медиумите и нивното влијание врз обликувањето на јавното мислење“, изјави новинарката од ТВ Телма, Тамара Грнчароска.
Во наредниот период тимот на ЦИВИЛ Медиа, ќе објави повеќе видео содржини од овој настан како еден мал гест и придонес кон борбата која мора да продолжи, и никогаш да не се заборави!
Ангела Петровска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Ангела Петровска