Секогаш сум велел дека кога човек греши потребна му е помош. Најмалку што треба во тие моменти на погубеност да е нападнат или ставен на тапет на јавноста. Треба да се најде решение како да му се помогне, како да се реши проблемот. Ништо полесно нема од тоа да маваш по некој кој не знае, а е поставен во ситуација да носи круцијална одлука по било кое прашање од општественото живеење. Ладни глави се потребни, не нервоза. Само така ќе излеземе од проблемот, па ако треба и да се вратиме на почеток.
Ова писмо не е адресирано до никого лично.
Адресирано е до оние кои треба да размислат дали ова е патот по кој треба да одиме и доколку е тој вистинскиот да ни објаснат со наједноставни зборови зошто е ова патот, а доколку не е и не знаат кој е вистинскиот правец и затоа сме во оваа бездна со години веќе, тогаш да се состанеме и да ги изложиме сите нашите лично предлози кои ги имаме за тоа како сметаме дека треба да функционираат работите и да видиме по кој пат ќе тргнеме. Од ова мораме да излеземе.
* * *
Одлично е што постои некаква комисија во Министерството за култура која одлучува за тоа кој има право културно да ја претставува оваа наша заедничка земја и дома и надвор во сите културни сегменти.
Секогаш сум сакал лично да се сретнам со луѓето кои работат во тие комисии и темелно да поразговараме, што се однесува до нивниот ангажман во оваа институција. Не дека сметам дека не им е таму местото, напротив, туку како тоа треба да функционира.
Пред нешто повеќе од две години со еден мој многу драг пријател, познат театарски професор и режисер, во еден незадолжителен кафе муабет во центарот на Скопје, разговаравме на темата за тоа дека работите коренито треба да се сменат, односно, јас се прокоментирав дека Министерството за култура оди во погрешна насока.
Што дословно му кажав на мојот многу драг пријател:
„Погрешно е поставена стратегијата за тоа како се одлучува за одобрување на проекти од национален интерес, а и не само од национален, туку воопшто. И ова не е од сега, ова е откако постои ова министерство, па се до денес. Сметам дека конкурсот во министерството треба да е отворен преку целата година, 365 /24 /7, комисиите не треба да постојат за да одлучуваат преку читање на апликациите. Апликации воопшто не треба ни да постојат. Уметникот создава и кога сонува. Идејата за неговото ремек дело не го бира времето и местото каде да стаса, таа пристига ненајавена, можеби ќе стигне во Јануари месец, можеби во 4 часот наутро, можеби во Јужна Америка, на Северниот пол … било каде. Министерството за култура е должно да е отворено за повици, односно апликации преку целата година, за сите. Кога на некој артист ќе му дојде креативен наплив и тој тоа ќе го стави на хартија, осмисли убаво и е подготвен да го презентира, ќе се обрати до службите во министерството кои во рок од 48 часа ќе ги свикаат комисиите. Артистот ќе има можност во времетраење од 60 минути, ако е потребно и повеќе и повеќе, колку и да му треба време, лично да ја презентира сопствената идеја пред комисијата. Само на таков начин тие ќе имаат можност да сфатат за што точно се работи во конкретниот предлог проект, кога ќе му ја гледаат и телесната и фацијалната експресија, а и страста со која раскажува за сопственото дело.
И тогаш, еве да речеме доколку проценат дека не е вредно тоа дело во овој момент, во рок од 48 часа да го повикаат и лично со темелни аргументи да му образложат каде погрешил и што сметаат дека треба да коригира. На крајот, најљубезно да му кажат дека очекуваат од него што поскоро повторно да го видат со некој нов предлог проект и заедно да создаваат подобра култура за сите.
Потоа сметам дека министерството за култура треба да направи селекција на домашните артисти, оние кои веќе се докажани на глобално ниво, да ги повика и да ги задолжи на мандат од четири години, да создадат продукција која ќе роди најмалку уште тројца таленти во полето во кое тие работат и истите ќе се развиваат повеќе и повеќе во годините кои доаѓаат. Министерството е должно да ги бара артистите кои придонесуваат за развивање на културната стратегија на оваа земја, да им обезбеди простор и да им даде буџет, да ги слушне нивните потреби за создавање на продукција и сето тоа да им го овозможи без збор.“
Се изнасеавме гласно. На крајот реков:
„Веројатно овде нормалното се третира како ненормално. Навистина не знам што друго да мислам.“
* * *
Немам навика да се жалам. А и не сакам.
За крај ќе напишам дека и нашата продукција – Театроск, која минатата година беше победник на фестивалот Зигет, во Будимпешта, каде настапуваше рамо до рамо со Оазис, Арктик Манкис, Го Го Долс, Кајго, Дуа Липа … во конкуренција на десет други продукции од целиот свет и со тоа директно оствари учество на светското првенство за живи статуи во Архем, Холандија, на крајот на оваа 2019 година, е одбиена од конкурсот на Министерството за култура за проекти од национален интерес за 2019 година. Ние баравме средства за да создадеме подобра продукција со која ќе ја претставуваме Македонија на светско првенство.
Комисиите во министерството проценија дека тоа не е од национален интерес. Браво екипо! Алал имате од мене!
На сите кои добија средства од конкурсот им честитам и посакувам мирна работа и успешна 2019 година.