Мајката на портпаролот и пратеник на СДСМ, Костадин Костадинов, Фанија Костадинова, поднесе оставка од Централниот регистар во Струмица, по најавата на премиерот Зоран Заев дека дел од роднините на функционерите ќе се повлечат од своите работни места.
„Иако мојата мајка е вработена на транспарентен начин, каде се испочитувани сите законски процедури, и не е оштетен друг кандидат, сепак јас разговарав со нејзе и таа ќе се повлече од работното место од морални причини. Очекувам овој принцип да го следат и останати функционери без разлика на кое ниво од власта се наоѓаат. Не знам дали сите ќе продолжат во таа насока, но искрено очекувам да преовладее совеста кај сите. Тоа е сепак личен чин“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Костадин Костадинов.
Името на Костадинова се најде на списокот на Антикорупциска на кои беа сите тазе вработени роднини на високи функционери во државните институции и претпријатија кои антикорупциска планира да ги истражува.
Поинаков пример за ова е Франција, каде пратениците изгласаа закон со кој 3 години затвор и 45 илјади евра казна ќе добие политичар ако вработи роднина. Законот забранува министри, пратеници и членови на локалните власти да вработуваат свои венчани или невенчани сопружници, родители и деца.
Дехран Муратов