Кавгата меѓу пратениците на СДСМ и ДУИ не ги потресе владините функсионери од коалицијата. Ниту централите од партиите не ценат поместување на досегашните релации. Вчера владината седница не пропадна како што се случи со собраниската коалиција и двете седници, а и владиниот портпарол демантраше било какви рушења на меѓукоалициските односи.
“Односите во коалицијата се редовни. Тоа што се случи вчера, што објавивте за Собранието, тоа е нешто што се случило во Собранието. Вчера имавме седница во полн работен состав”, изјави портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Од СДСМ исто така потврдуваат дека односите се нормални, а за сите несогласувања велат ќе се дискутира и низ дијалог истите ќе се надминат. Од партијата дури тврдат дека сè уште работат и се надеваат и на консензуален кандидат за претседател. Овие две теми ќе бидат на дневен ред и на вечерашната координативна средба на партискиот врв.
“Сега завршува процедурата околу конгресот кој треба да се одржи на 3 март, да ги видиме кандидатурите. Сигурно ќе се разговара и за можноста за претставување со заеднички кандидат, што е нешто добро и здраво за државата”, изјави Констандин Констандинов, портпарол на СДСМ.
Овие изјави доаѓаат два дена откако Талат Џафери ја прекина седницата на која требаше да се гласа за одземање имунитет на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, и еден ден откако пратениците на двете партии разменија тешки обвинувања за тоа кој му овозможи на Вељановски да се спаси од притвор.
А. Зеќири