Двете неуспешни средби на партиските групи за законот за СЈО ја натерале власта да размислува и за алтернативно решение за гласање на реформските закони, како и тие за СЈО и Јавното Обвинителство.
Ова официјално го потврди вицепремиерот Бујар Османи, кој во денешната изјава за медиумите не изгледаше дека е оптимист околу изнаоѓањето компромисно решение со опозицијата. Тој беше дециден дека, иако опозицијата сѐ уште има време да се вклучи во процесот, власта ќе почне и преговори со пратениците за обезбедување на 80 гласа за во Собранието.
„Како што знаете, вчера имавме втора рунда на разговори со опозицијата, бидејќи оценивме дека треба докрај да ги исцрпиме можностите за вклучување на сите субјекти, бидејќи во овој период е важно да покажеме државна политика во однос на членството на Европска Унија. Очигледно е дека вчерашната втора рунда не успеа да даде резултати, јас сметам дека треба да се продолжи паралелно да се работи во две траектории, и тоа со продолжување на напорите за постигнување на консензус, но и со комуникација со пратениците за евентуално обезбедување на потребното мнозинство“ – изјави Османи.
А. Зеќири