Новинарката Лире Мекки беше убиена со куршум од огнено оружје во четвртокот вечер во Лондондери, Северна Ирска, а полицијата настанот го третира како „терористички инцидент“, се наведува во извештајот на Би-би-си.
За убиството на 29-годишната новинарка осомничени се републиканците. До немирите дошло откако полицијата вршела претрес во населбата Креган во Лондондери.
Помошникот на полицијата, Марк Хамилтон, рече дека полицијата „ја третира престрелката како терористички инцидент“ и дека е започната истрага за убиството.
Известувачот кој беше на местото на настанот кажа дека вооружениот сторител „дошол зад аголот и неселективно пукал во полициски автомобили“.
Потпретседателката на Шин Фејн од Ирското национално движење и Левичарската партија, Мишел О’Нил, изјави дека е „шокирана и тажна од трагичните вести“.
„Целосно ги осудувам одговорните за убиството на една млада жена“, рече таа.
Експлозија на автомобил-бомба во јануари оваа година во тој град предизвика стравување од нови инциденти во Северна Ирска, поради тензиите околу повлекувањето на Велика Британија од членство во Европската унија.
Лондондери е познат по интервенцијата на британската армија наречена „Крвава недела“. Во тој град, британските војници на 30 март 1972 година убиле 14 невооружени цивили, учесници на забранетиот марш за човечкови права на католиците. Причината за протестот беше апсењето на 342 лица, обвинети дека се членови на Ирската републиканска армија (ИРА).