Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека секоја фирма има право да работи за државен празник, но треба да најави во Државниот инспекторат за труд и платата на работниците треба да се зголеми за тој процент за работа на празник, по редовната седница на Економско – социјалниот совет.
„Секоја фирма може да најави дека за одреден државен празник ќе работи. Ако тоа е регуларно најавено во Државниот инспекторат за труд, после тоа се следи дали ќе се исплати платата која е утврдена како таква, а се додава додаток за работа на празник. Ако се исплати тој додаток за работа на празник, законот е целосно испочитуван“ – изјави Царовска.
Министерката Царовска појасни дека за пријави за нерегуларности има телефонски број објавен на веб страницата на Министерството за труд и социјална политика, а можат да се информираат и преку електронска пошта.
„Важно е дека Инспекторатот за труд се уште работи на постигнување на капацитетот кој му е потребен. Наследивме Инспекторат кој воопшто не беше транспарентен, не постоеше телефонски број каде може да се јавите, немавме пристап до нивните мејлови. Значи дека сето тоа е унапредено. Одиме чекор по чекор затоа што ни се потребни повеќе инспектори кои ќе бидат кредибилни и ќе се грижат да ги остварат правата на работниците. Дополнително ги поттикнувам синдикатите кои се веќе организирани во компаниите и тие во соработка со нас и со Инспекторатот за труд да ги пријавуваат прекршувањата“ – рече Царовска.