ЦИВИЛ – Центар за слобода го набљудуваше изборниот процес од самото распишување на 8 февруари, но го опфати и претходниот период, преку следење на состојбите на човековите права и слободи и општествено-политичките процеси во земјата.
Будно, непристрасно и објективно, тимот на ЦИВИЛ и ЦИВИЛ Медиа, заедно со мрежата на поддржувачи, членови, надворешни соработници, граѓански новинарки и новинари, со 160 набљудувачи, но и огромна помош и доверба од граѓанките и граѓаните, ги мониторираше сите политички процеси и остро реагираше на сите недостатоци и нерегуларности. Сепак, она што ќе остане за поздрав е отвореноста за соработка и заемна помош и поддршка на институциите и надлежните органи за спроведување на изборите.
Освен медиумското покривање и соопштенија поврзани со изборите, ЦИВИЛ понуди и серија едукативни текстови, интервјуа, анализи и теренски извештаи со цел да придонесе кон спроведување слободни, фер и демократски избори. ЦИВИЛ одржа средби со претставници на МВР, ДКСК, ДЗР, ДИК, Министерството за информатичко општество и администрација, канцеларијата на Народниот правобранител, како и со претставници на релевантни медиуми и медиумски здруженија, експерти, аналитичари и граѓанското општество. ЦИВИЛ Медиа објави серија интервјуа со едукативен и информативен карактер, со претставниците на сите овие институции, медиуми и јавни личности. Дел од нив беа и говорнички и говорници на големата конференција „Какви избори – таква иднина“ на која беа претставени најрелевантните ставови и анализи во пресрет на изборниот процес.
На самата конференција беше објавена и онлајн верзијата на публикацијата „Сѐ што сакавте да знаете за изборите“ на македонски и албански јазик, посветена на поголем број различни поими и аспекти на изборните процеси, вклучително и на најчестите нерегуларности во македонските изборни процеси. Оваа публикација е одлично четиво и потсетник, како за набљудувачите и активистите, така и за пошироката публика.
Во меѓувреме, се одржаа обуки за набљудувачи во рамки на два проекта што ЦИВИЛ „Граѓански објектив“, со поддршка од National Endowment for Democracy и „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, во чии рамки е и развојот на медиумската платформа на ЦИВИЛ, а со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Секој од проектите вклучуваат посебен фокус на правото на глас, политичката корупција и изборниот поткуп, заканите и притисоците, како и политичкото финансирање. ЦИВИЛ организираше семинари за обука на кои набљудувачите добија насоки за набљудување на изборниот процес.
Уште во раниот период на изборниот процес, дури и пред почетокот на изборната кампања. нотирани беа голем број случаи на говор на омраза, лажни вести, политичка корупција, црна порпаганда и предвремена кампања. ЦИВИЛ својот фокус во набљудувањето во овој период го насочи кон кандидатите за претседатели, нивните поддржувачи, политичките партии и нивното финансирање, институциите и медиумите.
ЦИВИЛ до Државната изборна комисија достави пријава за кршење на Изборниот законик. Се работеше за случајот со претседателската кандидатка Гордана Силјановска – Давкова и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кои на ден 25.03.2019 година одржаа организиран јавен настан во Штип на кој е претставена учесничката во изборната кампања, што претставува предвремено започнување на изборната кампања, спротивно на Изборниот законик. По предвидениот рок, ДИК го отфрли приговорот на ЦИВИЛ со образложение дека како организација, акредитирана од нив, сепак, според Изборниот законик, не е овластено лице за поднесување приговори, не навлегувајќи во самиот случај. ДИК не отвори предмет за овој случај, ниту врз основа на допрен глас.
Со почетокот на изборната кампања, ЦИВИЛ Медиа започна секојдневно со изборна хроника, во која се коментираа кампањите на кандидатите за претседатели. Изборната хроника е уникатен обид да се погледнат политичките активности од нов агол, текстови што изобилуваат со информации, но и многу духовитост и иронија и кои го отсликуваа ставот на граѓанките и граѓаните. Ставовите на луѓето често беа објавувани и преку честите анкети што ги спроведува ЦИВИЛ Медиа на улиците во Скопје и низ Северна Македонија.
И првиот и вториот круг на изборите поминаа во шеснаесет часовна работна атмосфера во Прес центарот на ЦИВИЛ. Дежурните екипи на ЦИВИЛ беа активни и во текот на викендите и празничните денови во текот на изборниот процес. На првиот изборен круг, ЦИВИЛ одржа четири, а на вториот пет прес конференции, како и експертски панел дискусии по затворањето на избирачките места.
На 21 април, во прес центарот на ЦИВИЛ се одржа една кратка панел дискусија за прелиминарните оценки во првиот круг од изборите. Говорници на дискусијата беа професорката на Правен факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Јасна Бачовска, новинарот Зоран Иванов и политичкиот аналитичар Сашо Орданоски. Говорниците се согласија дека денот на изборите помина релативно мирно и очекувано имајќи в предвид како се одвиваше изборната кампања, односно како ја водеа самите кандидати за претседатели и политичките партии што ги поддржуваа.
Исто така, во аналитичкиот центар на ЦИВИЛ беа обработени и 170 извештаи за регистрирани нерегуларности од повеќе од 300 избирачки места. Во првиот круг најмногу пријави имаше за нерегуларности предизвикани од изборната администрација, проблеми со Избирачкиот список, како и неколку сериозни случаи на нерегуларности од кои еден обид за поткуп на гласачи, регистриран во Дебар, каде се забележани и притисоци од одредена политичка партија.
Во вториот круг на гласањето на 5 мај, говорници на панел дискусијата беа, Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите во Македонија, новинарот Зоран Иванов и професорката Мирјана Најчевска. Говорниците се согласија дека крајот беше очекуван, релативно мирно поминаа и двата круга и дека медиумите генерално добро и професионално ја завршиле својата работа во однос на политичкото известување.
Џабир Дерала, ЦИВИЛ, оцени дека самиот изборен ден независно од мирната атмосфера и поголемата излезност, сепак, покажа низа недоследности во однос на законските рамки во кои се спроведуваат изборните процеси кои генерираат, меѓу другото, и бројни проблеми со Избирачкиот список. Потребен е нов Изборен законик, е ставот на ЦИВИЛ.
Недоволно едуцирани избирачки одбори, и покрај напорите на ДИК, кршење на изборниот молк, агитација и низа други нерегуларности беа нотирани од мониторингот на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ воедно го мониторираше и политичкото финансирање, изборната корупција, медиумите и социјалните мрежи, говорот на омраза и лажните вести.
Она што дополнително го очекува тимот на ЦИВИЛ во следниот период е финална анализа на сите извештаи и наоди од изборниот процес од сите негови аспекти.
Биљана Јордановска