Косовскиот претседател Хашим Тачи по состанокот на Националниот совет за безбедност на Косово, ги стопира акциите на северот на Косово и истакна дека неколку лица од различни националности, вклучувајќи и Русин, биле уапсени, објави Клан Косова. Тачи рече дека оваа акција на полицијата е против криминалот, и дека не е насочена против ниедна заедница.
„Акцијата е преземена во поширокиот дел на Република Косово, каде што има уапсени од различни националности, Албанци, Бошњаци, Срби и Русин, кој беше камуфлиран како дипломат за спречување на работењето на косовската полиција“, рече Тачи.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во акцијата на косовската специјална полиција на северно Косово утрово се уапсени вкупно 23 лица од српска и босанска националност, и додаде дека целта на акцијата не била борба против криминалот, туку желбата да се заплаши српскиот народ и да се криминализира локалното население.
Во своето обраќање пред пратениците во Собранието на Србија, Вучиќ потврди дека српската армија ќе ги заштити луѓето ако постои загрозување на нивната безбедност и дека како врховен командант тој наредил зголемување на борбената готовност на сите единици.
„Она што ви го гарантирам е дека ако дојде до ескалација на конфликтот и понатамошни напади врз српскиот народ, сè што можам да ви кажам е – Србија ќе победи“, рече тој.
Тој оцени дека намерно било избрано апсењата да се извршат во сите северни општини, поради што српскиот народ на северот на Косово е повознемирен од кога било досега.
Вучиќ рече дека стапил во контакт со претставници на Европската Унија и администрацијата во Брисел, односно со посредниците во дијалогот, и дека ги информирал за сè што се случува, но дека тие му рекле дека ова е акција против криминалот.
Меѓународните мировни сили на Косово, под водство на НАТО, КФОР, потврдија дека во тек е операција на косовската полиција, која, како што се наведува, се одвива во рамки на борбата против криминалот.
„Операцијата на Косовската полиција се одвива по налог на Обвинителството на територија на цело Косово, не само на северот, и не е вперена против криминалот на Србите, туку против лица обвинети за корупција и криминал“, изјавил за Танјуг портпаролот на командата КФОР, Винченцо Грасо.
Медиумите јавуваат дека специјалните возила веќе се повлекуваат од северниот дел на Косово.