Судењето за Титаник на СЈО за изборните нерегуларности продолжува на 24 октомври откако на денешното рочиште во Кривичниот суд беа пуштени околу 90-ина „бомби“ и беше прекинато по барање на обвинетиот Илија Димовски да може да присуствува на седница на собраниска комисија.
За овој предмет се предложени повеќе од 1.000 аудио снимки како материјални докази од СЈО, и на досегашните рочишта преслушани се повеќе од 600.
Најголем дел од „бомбите“ на денешното рочиште беа од 24 март 2013 година, за локалните избори, каде слуша како Миле Јанакиески се јавува по луѓе, да се информира како оди излезноста и дали се јавуваат и работат за излезност на гласачите.
– Да ни беа преспанциве ќе завршевме работа, вели Груевски и му вели „види таму со нашиве да прават и неважечки за после да правиме записници се судиме“.
Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.
Со сведочење на Тулај Красниќи започна рочиштето за предметот „Титаник 3“ на СЈО во кој се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури, затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година „уништувале изборен материјал“.
На прашање на јавниот обвинител Љубомир Лапе, Красниќи рече дека на денот на гласањето отишла на отворањето на избирачкото место и поради болест на нејзиното дете заминала дома и во 19 часот се вратила на избирачкото место, при што со член на комисијата ги однела изборните материјали во општина Чаир.
Сведокот во повеќе наврати на прашање на обвинителот за многу работи не се сеќава, бидејќи биле пред пет години, при што на таквите одговори обвинителот Лапе рече дека се сомнева дека врз сведокот е извршен притисок или некој му се заканува. На прашање на Лапе дали се сеќава дека во СЈО дала исказ дека се плаши од агресивноста на Исмет Гури, сведокот рече дека не се сеќава ниту пак знае кој е тој.
Поради тоа обвинителот побара да биде прочитан записникот од исказот кој сведокот го дала во СЈО.
Судскиот совет одлучи да не се чита исказот со образложение дека сведокот кажала декане е под закана од Исмет Гури.
Одбраната одбиваше да го испрашува сведокот во директни испрашувања на што реагираше јавниот обвинител, а судот одлучи да се постават прашања и од страна на адвокатите на одбраната.
Судењето продолжува со испрашување на уште четворица сведоци.
А. П.