„ДУИ денеска симболично го врати клучот за политичката криза во Македонија во рацете на претседателот на државата, Ѓорге Иванов“. Ова го изјави лидерот на партијата, Али Ахмети, веднаш по консултациите со претседателот Иванов. Тој рече дека патот до „здраво парламентарно мнозинство и излезот од актуелната политичка криза“ – биле во фокусот на средбата.
„Јас не сум клучот, бев, но сега го дадов на претседателот. Сега, тој кому ќе му го даде клучот, не знам. Да бидам попрецизен, јас имав бомба, но ја префрлив кај претседателот, а кому тој ќе ја префрли, не знам“, рече Ахмети по разговорите со Иванов.
Тој порача, сите политички субјекти да придонесат за излез од кризата и изнаоѓање одржливо решение за иднината и стабилноста на државата. Нагласи дека на средбата со Иванов станало збор и за политичката ситуација во регионот и пошироко.
„Ситуацијата не е толку добра за да можеме комотно да живееме и да останеме во земјава, туку треба заеднички да се ангажираме за да ги изградиме институциите и да преземеме одговорност. Да се соочиме во иднината со каква било криза, која може да ни се случи и во регионот и пошироко“, рече Ахмети.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали сè уште не го признава Иванов како претседател на државата, лидерот на ДУИ, Ахмети рече дека овој пат, делувал со мозок, а тогаш – со срце.