Именувањата на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски не треба никого да изненадуваат, вели американската амбасадорка Анџела Агелер и порачува дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што е вклучена во значителна корупција.
Агелер, во објава на Фејсбук, порачува дека народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции.
-Денешните назначувања на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски никого не треба да изненадуваат. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што е вклучена во значителна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата, се вели во ставот на амбасадорката Анџела Агелер, објавен на Фејсбук страницата на амбасадата на САД во Скопје, а известува МИА.
Поради вмешаност во значителна корупција американскиот Стејт департмент денеска именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои и поранешната специјална главна обвинителка на Северна Македонија, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош и кандидат за претседател на Северна Македонија, Стевчо Јакимовски.
Покрај Јанева и Јакимовски, Стејт департментот ги определува и членовите на нивното потесно семејство – двата полнолетни синови на Јакимовски, Гоце Јакимовски и Дамјан Јакимовски, и сопругата и возрасниот син на Јанева, Венци Јанев и Лазар Јанев. Овие дејствија ги прават Јанева, Јакимовски и членовите на нивните потесни семејства генерално неподобни за влез во САД.
Нивните постапки, се вели во соопштението од Стејт департментот, го поткопаа владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади.
Стејт департментот на САД денеска, заедно со Јанева и Јакимовски го објави и јавното именување и на поранешниот градоначалник на Качаник, Косово, Џабир Жарку.
На црната листа на САД, поради корупција, претходно се најдоа и Никола Груевски, Сашо Мијалков, Кочо Анѓушев, Рамиз Мерко, Орце Камчев, Ратка Камчева и Сергеј Самсоненко.