ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Јавноста по речиси 11 години дојде до точка на промени кај составот на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Пратеникот Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ (воедно и генерален секретар на партијата!) обзнани дека е финиширан предлогот за составот на ова тело. Дел од медиумските организации се изјаснија дека се работи за некаков меѓупартиски договор и дека во Собранието сѐ ќе мине глатко, како и дек по овој трет обид за промена на составот нема да се случи очекуваниоот пресврт во работата на ова тело.
Во ААВМУ партиите како ВМРО-ДПМНЕ цело време си имаат свои кадри чија задача е да не и наштетат на оваа партија.
Да се потсетиме, Советот го сочинуваат седум члена. За овие места во конкуренција беа 22 кандидати. Актуелниот состав почна со работа на средината на 2014, а мандатот требаше да му трае седум години. Но, поради политички блокади во Собранието, тој избор се пролонгираше до изборот на нови членови.
Одлуката за распишување на огласот се најде на дневен ред пред надлежната комисија уште во октомври. На јавна седница во парламентот на 13 ноември, кандидатите ги претставија своите биографии и визии за работата во ААВМУ и оттогаш се чекаше пратениците да се одлучат за седуммина од нив.
Извршната директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Билјана Георгиевска, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека незаинтересираноста на пратениците можела да значи и дека целата оваа работа ќе се сведе на „партиски договор“.
Неуспешните два јавни повици кои изминативе години пропаднаа поради недостиг од двотретинско мнозинство во парламентот според извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Драган Секуловски, се „основан страв дека и овој ќе заврши неуспешно“, изјави тој за РСЕ.
Зошто е важно да се избере нов Совет? Секуловски потенцира дека ако пропадне сегашниот обид, ќе се постави прашањето за капацитетот на институциите да ги реализираат важните процесите, а „неопходните реформи за унапредување на медиумскиот сектор ќе продолжат да стагнираат“. Притоа, едноставно, тоа е законска одредба. Што не се почитуваше со години.
Да се потсетиме дека на овој трет јавен конкурс за членови на Советот на ААВМУ првично се пријавија 31 кандидат. Во меѓувреме, еден се откажа, а шестмина беа дисквалификувани зашто не донеле уверение за државјанство(!).
Останаа само 24, но непосредно пред седницата на 13 ноември 2024 година стигна вест дека уште двајца се откажеле: Миле Бошњаковски и Виктор Грозданов. Иако Грозданов потоа во изјава за медиумите демантираше дека се повлекол и дека немал таква намера, туку дека воопшто не добил покана за седницата во Парламентот.
Профилот на кандидатите кои се во трката за нови членови, како што можеше да се види на седницата, е разнолик. Меѓу нив има правници, новинари, аналитичари, информатичари…
Преостанатите 22 кандидати од кои пратениците понатаму требаше да го изберат новиот состав на АВМУ беа: Сашо Стефановски, Нафије Селмани, Драгица Љубеска, Петар Џуровски, Емилија Петреска Камењарова, Шабан Далипи, Андријана Скерлев Чакар, Лазо Петрушевски, Зоран Фиданоски, Арбен Саити, Емилија Јаневска, Давор Башоски, Даут Даути, Гордана Мајнова, Виктор Павловски, Владимир Ѓорѓиевски, Елена Стојковска, Зеријета Хајро Јајага, Цветанка Миновска, Стојанче Наумов, Афрона Верзиволи и Борис Арсов.
Кога беше нивното претставување во Собранието, дел од опозициските пратеници обвинуваа за партиска поврзаност на дел од кандидатите.
На пример, една од кандидатките кои покренаа реакции беше Афрона Верзиволи, чиј сопруг, според медиумските извештаи, е на чело на партиски огранок на Алијанса за Албанците. Верзиволи беше назначена за главна ревизорка на ИПА фондовите, но по реакциите дека таа воопшто нема лиценца, беше разрешена.
Реакции предизвика и Нафие Селмани, советничка во Општина Чаир, која до 2021 година била дел и од претседателтвото на партијата Алтернатива – дел од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН).
Актуелниот состав на АВМУ последната седница ја одржа на 25 декември. За 2 јануари оттаму најавија дека ќе се одржи и првата седница во 2025 година. Доколку се одржат најавите за избор на новите членови во првата или втората недела од новата година, таа може да биде и последна.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост што дел од избраните кандидати во потесна конкуренција на кои им беше дадена можност да учествуваат на јавната расправа, не ги исполнуваат ниту формалните услови според објавениот оглас. Воедно, проблематична е и партиската заднина на дел од кандидатите што се предлагаат за гласање во Собранието.
Во исто време, не се земени предвид кандидати кои имаа извонредно професионално портфолио. Ваквиот начин на избор отвори простор за сомневања дека при изборот на кандидатите собранието се води од политички договори и компромиси, а не се избира според професионални критериуми, како што треба да биде при избор на членови на независно регулаторно тело како што е ААВМУ.
Ова е клучно за обезбедување на ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело, особено во време кога се разгледуваат измените на Законот за медиуми кои предвидуваат проширување на надлежностите на Агенцијата, вклучувајќи создавање волонтерски регистар за онлајн медиумите и можност за формирање Фонд за поддршка на медиумскиот плурализам.
Притоа, се укажува дека работата на медиумскиот регулатор редовно е под лупа на Европската комисија и останати кредибилни организации како што се Репортери без граници и Фридом Хаус. Ефикасноста на нивната работа, освен што влијае на подобрување на условите во кои работат сите медиуми во земјата, има особено значење во евроинтегративните процеси на државава.
Само со професионален состав, со кредибилитет и интегритет ААВМУ ќе може успешно да ги исполни новите обврски и да ја задржи својата улога како независен регулатор во медиумскиот простор.
На листата на кандидати за членови на ова регулаторно тело се наоѓаат: Виктор Павловски, дипломиран инженер по производна информатика од Скопје, Сашо Стефановски, дипломиран по филмска уметност и ТВ снимател од Скопје, Петар Џуровски, дипломиран филмски и ТВ монтажер од Скопје, Цветанка Миновска, дипломирана новинарка од Скопје, Афрона Верзиволи, дипломирана економистка од Скопје, Нафије Селмани, дипломирана професорка по албански јазик и книжевност од Скопје и Гордана Мајнова, дипломирана економистка и магистер по комуникологија.
Првите тројца кандидати беа изгласани со 10 гласа „за“ на предлог на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Никола Мицески, а на предлог на пратеникот од ЗНАМ, Даниел Стојчевски, за кандидат на листата за членови на ААВМУ беше изгласана Цветанка Миновска.
На продолжението на седницата по втората дадена пауза, на предлог од пратеникот Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците, поддршка да се најдат на листата, добија кандидатките Афрона Врзиволи и Нафије Селмани.
Предлогот на пратеникот Љупчо Николовски од СДСМ, магистер Арбен Саити да биде избран на листата на кандидати за членови на ААВМУ не беше прифатен бидејќи доби само три гласа „за“. Неговата сопартијка Сања Лукаревска, како нов предлог ја предложи кандидатката Гордана Мајнова која го доби потребното мнозинство.
Пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците, отворено проговори за партиските местенки за Советот на ААВМУ, откако ДУИ остана без свој член во ова тело. Таа ја напушти седницата, обвинувајќи за политизација на изборот на Советот на ААВМУ.
„Нема зошто да земаме учество во оваа претходно наместена игра од страна на политичките партии. Се гледа дека добро се координирале во овој случај ВМРО-ДПМНЕ со ЗНАМ, можеби и со СДСМ и од друга страна со Левица, можеби и со ВЛЕН. За да не сме дел од сето ова уште еднаш да го изјасниме нашето противење за навлегување на политиката во медиумите, нам ни преостанува да ја напуштиме оваа седница во знак на протест“, рече Даути и ги повика пратениците членови од Европскиот фронт да ја напуштат седницата.
Виктор Павловски, како прв меѓу избраните, е машински инженер и беше предложен од вмровското здружение на новинар – МАН. Говорел за воведување на објективни пипл-метри во одредување на квалитетот на програмата. По она што може да се провери, има исти карактеристики за лице со исто име кое е во државна служба, типично за партијата која го предложи. Таа партија во претходниот состав го предложи уште еден информатичар, од екипата на тогашниот градоначалник на Скопје, дел од тамошниот инфо-систем, ама без било каква врска со материјата која му беше доверена. Беше претседател на Советот на ААВМУ толку години и одново си се кандидира!
Вториот кандидат на ВМРО ДПМНЕ дипломирал на ЕСРА, а работел како снимател, монтажер и „сѐ на куп“ кај екс-премиерот Груевски! Таму работел 10 години, практично целиот мандат на овој политичар што заврши во гепек, на пат за Будимпешта.
Петар Џуровски, дипломиран филмски и ТВ монтажер е следниот на листата. Работел на реклами, џинглови, спотови и документарни филмови, како што се серијалите на МТВ пред десетина години посветени на лустрацијата, жртвите на комунизмот и други, а моментално е советник за односи со јавност во Македонската навигација за воздухопловство (М-НАВ) и директор е на продукција. Може да се претпостави колку бил омилен таму, на место што е необично за таква државна служба.
Од кандидатите на владејачката партија преминуваме на коалициониот партнер ЗНАМ, кој ја предложи и ја доби во Советот Цветанка Миновска, која доаѓа од државната агенција МИА. Вели дека известувала од терен, иако, според извештаите, таа е врзана за форумски задачи.
Спорни беа и имињата на двете кандидатки од албанските партии. И двете поминаа! Нафије Селмани беше една од нив. Меѓу другото, работела во кабинетот на сегашниот претседател на парламентот Африм Гаши во 2021 година, за што има и фотографии, бидејќи била дел од екипата при посета на странци кај сегашниот спикер. Впрочем, таа била член на претседателството на Алтернатива. Потоа, Селмани станала советничка во Општина Чаир, што може да се види од партиската веб страница, на која пишува дека мандатот ѝ е до 2025 година. Но, сега пишува дека била независна пратеничка(!).
Селмани лани се најде на листата за пратеници од коалицијата „Вреди“, но не влезе во парламентот. Во собраниската зграда влезе пет месеци по изборите, во ноември лани кога се претстави како кандидатка на јавна расправа за новите членови на Советот на Агенцијата за медиуми.
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги забранува во Советот да бидат избрани лица кои биле членови на раководни органи на политички партии во последните 10 години, сметано од денот на објавување на конкурсот.
„Имам многу интересна биографија,“ вака економистката Афрона Верзиволи, втората избрана кандидатка Албанка во Советот на ААВМУ кога им се обрати на пратениците на ноемвриското претставување на кандидатурите. Таа навистина работела сѐ и сешто – напишала дека била преведувачка, референтка во Министерството за финансии, веб администраторка и менаџерка за односи со јавност во Стопанската комора на северозападна Македонија. „Покажав врвни резултати“, говорела самоуверено за себе, опишувајќи го натамошното лично искуство во една од комерцијалните банки. Се обучувала да биде и внатрешен ревизор во Агенцијата за иселеништво, но снемало пари, па секторот во агенцијата не се формирал. Не кажала ништо во врска со професијата која ќе ѝ носи добра плата, мислам некаде над 3-4 просечни плати! Во меѓувреме, Владата ја именувала за главен ревизор за ИПА фондовите. По реакциите од ЕУ и притисокот од јавноста дека таа го нема потребното ревизорско искуство и ревизорски сертификат, Владата ја разрешила од функцијата во август лани.
„Можеби некој ќе праша зошто ваму, зошто таму, јас сметам дека младите треба да се предизвикаат себе, да отвораат нови фронтови“, говорела 34-годишната Верзиволи.
Накратко кажа и што планира да прави ако ја изберат за членка на Советот на Агенцијата за медиуми. Таа беше една од двете најспорни кандидатки за опозицискиот Европски фронт, поради политичката функција на нејзиниот сопруг, кој е шеф на огранокот на Алијанса за Албанците во Липково.
Сѐ на сѐ, ААВМУ се покажува дека е простор каде што завршуваат партиски кадри кои тешко дека можат да се искористат на вистински начин и според нивната квалификација. Тоа е некакво наградно место каде што треба да се „грее“ фотелјата и да се чува сегашниот небранет простор за злоупотреба на националната фреквенција. За завидна плата.