Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку официјално соопштение ги покани сите партиски структури и функционери на заедничката средба на Европскиот фронт што ќе се одржи денеска во Тетово.
„ДУИ, во недела, планира средба во Тетово, заедно со сите политички партии кои го сочинуваат Европскиот фронт, на која ќе потпишат договор од сите членови на претседавачите, од сите собранија на политичките партии, функционерите на партиите на локално и централно ниво и првиот чекор ќе биде алармирање и елаборирање на легитимитетот што произлегува од Охридскиот рамковен договор“, рече Крешник Бектеши, пренесува Клан.
Европскиот фронт планира да го сензибилизира и меѓународниот фактор, како што велат, за компромитиран легитимитет од идните партнери на власта.
Не е исклучена можноста да се подготви Меморандум, кој ќе биде поддржан од функционерите на Фронтот, но и од интелектуалците, каде меѓународната заедница ќе биде информирана дека со влегувањето на коалицијата ВЛЕН во Владата, легитимитетот на Албанците и помалите етнички заедници е компромитиран.
Од друга страна откако претседателката Гордана Силјановска Давкова, изјави дека мандатарот ќе го добие мандатот за формирање влада следната недела, од ВМРО-ДПМНЕ не кажуваат кој ден може да се случи тоа. Тие остануваат на изјавите дадени последниве денови дека преговорите меѓу идните коалициски партнери се при крај.
„Не можам да кажам ништо повеќе од она што беше кажано јавно или во соопштението што досега го испративме до медиумите. Кога ќе има нов чекор, секако дека ќе го објавиме за граѓаните“, рече Наум Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВЛЕН велат дека секој ден се зголемува нивото на меѓусебна доверба, и преговарачкиот процес продолжува да се развива со добра волја и висок интензитет. Од ЗНАМ рекоа дека чекаат на Мицкоски да му биде доделен мандатот за официјализирање на договорот меѓу нив. Вкупниот број на пратеници од трите субјекти кои се очекува да владеат заедно е 78, но тие отворено зборуваа за можноста за регрутирање и на други пратеници од редовите на партиите кои се опозиција во Собранието.
Н. Абдурахмани