Албанија успешно го заврши циклусот на известување со Европската комисија за поглавјата 23 и 24, пишуваат албанските медиуми.
Ова го објави денес министерот за правда Улси Мања, кој преку објава на социјалните мрежи подвлече дека Албанија „докажа дека владеењето на правото се гради со секојдневна работа, институционална соработка и опипливи резултати“.
Мања нагласи дека во овој процес, Министерството за правда водеше 21 состанок за известување, над 85 часа дискусии и преговори и над 3500 страници техничка документација.
„Табелите за компатибилност, нацрт-законите, објаснувачките извештаи и квалитативните анализи јасно укажуваат на процес што се одвива според највисоките европски стандарди“, нагласи Мања.
Под водство на Министерството за правда, според министерот, „55 институции и речиси 200 професионалци тесно работеа на овој процес, гарантирајќи сигурно и целосно известување“.
Д. Т.