Алијанса за Албанците ја критикува владата, но поради доцнење со донесувањето на новите мерки. Во изјава за ЦИВИЛ Медиа, од Алијанса на Албанците соопштија дека мерките се уште едно сведоштво за, како што велат, циркусот што го спроведува Владата и Министерството за здравство за цело време на пандемијата.
„Зголемувањето на бројките е последица на лошо менаџирање со ситуацијата, додека мерките отсекогаш биле и се дел од ова лошо менаџирање. Секаде се донесуваат одлуки штом се зголемат бројките и се алармира ситуацијата, овде кај нас Владата му дава уште една недела на вирусот. Мерките отсекогаш биле погрешни и во содржината и во погрешен момент, затоа сме во оваа ситуација, кога целиот свет излегува од пандемијата, ние влегуваме во нов бран“, велат за ЦИВИЛ Медиа од опозициската Алијанса за Албанците.












