Во пресрет на локалните избори, денеска германската Фондација „Конрад Аденауер“ спроведе обука за потенцијални кандидати за градоначалници и општински советници на партијата Алтернатива. Темата на оваа обука беше „Зајакнување на демократските капацитети на локално ниво“.
Обуката се фокусираше главно на теми поврзани со градењето на капацитети кај политичарите на локално ниво, како и теми поврзани со јавното мислење и комуникација, соопшти партијата на официјалната веб-страница.
На отворањето на обуката зборуваа и Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер и претседателот на Алтернативата, Африм Гаши. „Браун зборуваше за важноста на оваа обука и можностите што се нудат преку неа, додека претседателот Гаши ѝ се заблагодари на фондацијата Конрад Аденауер за оваа можност и изрази уверување дека продлабочувањето на соработката помеѓу Алтернатива и оваа фондација ќе биде дополнителна вредност во демократскиот живот во Северна Македонија“, информираат од Алтернатива.
Фондацијата „Конрад Аденауер“ е основана од владејачката партија во Германија, ЦДУ на актуелната канцеларката Меркел и е посветена на поддршка на конзервативните партии. „Алтернатива е првата албанска партија во Северна Македонија со која оваа фондација воспоставува вакви мостови на соработка“, се вели во информацијата. Обуката е спроведена во согласност со сите безбедносни протоколи за заштита од вирусот Ковид-19.