Апелациониот суд во Скопје ја потврди во целост пресудата за случајот „Рекет“ со што Бојан Јовановски – Боки 13 правосилно е осуден на 9 години затвор, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7 години затвор.
Од Апелација соопштија дека ги разгледале жалбите на двајцата обвинети, како и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое бараше повисоки казни, по што одлучиле да ги отфрлат и да ја потврдат пресудата која беше донесена од Основниот кривичен суд во Скопје.
Со одлуката на Апелација, пресудата станува и правосилна, по што од Кривичниот суд во Скопје на обвинетите треба да им испратат и упатен акт за во затворот каде ќе треба да ја одлежат казната. Двајцата во моментов се наоѓаат во домашен притвор.
Во „Рекет“ Јовановски е осуден за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.