„За подобрување и напредување потребно е да се имплементираат новите технолошки пронајдоци и да се спроведува успешна дигитализација, но најважно е да се градат човечките капацитети и професионализам во институциите. Царинската управа на Северна Македонија работи според сите стандарди на ЕУ и Светската царинска управа и ги спроведува најдобрите практики“ рече министерот за финансии, Фатмир Бесими на конференцијата „Преку дигитализација кон нова генерација на регионална соработка“.
Тој додаде дека Царина редовно се унапредува и дигитализира следејќи ги најновите технолошки решенија со цел да се унапреди сервисот за економските оператори и граѓаните и да се спроведе ефикасна и квалитетна гранична контрола.
Министерот Бесими кажа дека со олеснување на царинските процедури и зголемување на капацитетот на границите ќе се овозможи побрз проток на стоки и луѓе, со што ќе се зголеми регионалната соработка.
„Владата покажува и политичка волја за поддршка и раст на регионалната соработка, за што е потребно олеснување на царинските процеси. Верувам во економските докази и теоријата дека трговијата предизвикува раст“ рече Бесими.