Една од клучните цели на Владата е да се подобри благосостојбата и квалитетот на живот на граѓаните во секој еден сегмент, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостувањето на ТВ Стар.
Еден од ефектите е граѓаните да не бидат оставени сами и да не го носат сами товарот од кризата. Замрзнувањето на цени не е мерка која ќе видите во нормална пазарна економија. Но, има морални и етички однесувања и во дадени ситуации кога кон твојот потрошувач се однесуваш неморално и неетички и продолжуваш да ги растеш цените, а притоа имаш мерка за субвенционирана електрична енергија, мора да се донесе мерка спротивна од пазарната економија, истакна Битиќи.
Тој додаде дека ваквата мерка е потребна зашто сме во период на криза, а понатаму ќе се зборува како ќе се дадат шанси за развој на компаниите.
Не може јавни средства, пари на граѓаните, да ги користиме за субвенционирање на некој стопанственик, да му креираме профит на грбот на граѓаните. Мора да покажеме општествена одговорност, јас ја викам социјална правда, нагласи Битиќи.
Според него, утре ќе биде донесена уште една одлука со којашто се шири палетата на продукти со замрзнати цени.