Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска треба да пристигне во Јужна Кореја, која е зафатена од политичка криза.
Блинкен ќе се сретне со својот јужнокорејски колега Чо Те-џул за да разговараат за „сојузот меѓу Јужна Кореја и САД, соработката со Јапонија, прашањата поврзани со Северна Кореја, како и за регионалните и глобалните предизвици,“ соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.
Посетата доаѓа во период на политички хаос во Јужна Кореја, откако претседателот Јун Сук-јеол на 3 декември воведе воена состојба, која Парламентот набрзо ја поништи. Обидот за негово апсење беше спречен од неговата лична заштита.
Денеска се очекува и илјадници Јужнокорејци да излезат на протести во Сеул во услови на сè подлабока политичка криза по неуспешниот обид за апсење на сменетиот претседател Јун Сук-јеол, обвинет за „бунт“ поради обидот да воведе воена состојба на почетокот на декември.
Во центарот на градот, близу главниот плоштад и пред домот на Јун, се најавени собири на неговите противници и на неговите поддржувачи.
Вчера, околу 200 војници и припадници на безбедносните служби ги блокираа обидите за негово апсење, а операцијата траеше шест часа.
Истражните служби имаат рок до понеделник да ја извршат наредбата за апсење, додека Уставниот суд на 14 јануари ќе го започне процесот за потврдување или одбивање на импичментот на Јун, пренесе МИА.