Студентите кои го блокираа факултетот на Универзитетот во Нови Сад и граѓаните кои се собраа на нивниот повик ја блокираа зградата на судот во тој град рано утрово, пренесува РФЕ/РЛ.
Тие бараат итно ослободување на сите оние кои беа „приведени без докази“ за учество во антивладини протести, а против кои се поднесени кривични и прекршочни пријави.
„Вклучувајќи обвинувања за напад врз службено лице, насилно однесување, нарушување на јавниот ред и мир, па дури и обид за тешко убиство“, изјавија студентите кои ги блокираа факултетите во Нови Сад.
Според репортерот на Радио Слободна Европа (RSE), сите влезови во зградата на судот се блокирани, додека група вработени стои пред нив.
Во зградата на судот и на задниот службен влез, полицијата е присутна во опрема за разбивање на демонстрациите.
Студентите кои повикаа на протестот најавија дека блокадата ќе продолжи сè додека не бидат ослободени сите притворени демонстранти.
Тие ја најавија блокадата како „чин на отпор против неоснованите апсења и законското насилство што се спроведува овие денови“ врз нивните колеги и пријатели.
Студентите истакнуваат дека, досега, за нивните 12 „другари“ во Нови Сад е одредена мерка притвор од 30 дена.
Во Србија веќе една недела се организираат антивладини протести, во текот на кои избувнаа инциденти.
Д. Мишев